• петок, 22 ноември 2024

,,Винотек" од Кавадарци организира меѓународно оценување на вина и ракии

,,Винотек
Кавадарци, 20 јануари 2022 (МИА) - Меѓународно оценување на вина и ракии организира Здружението „Винотек" од Кавадарци. Како што појаснија денеска од Здружението, свои мостри за оценка може да достават регистрирани винарии и индивидуални производители.
Активностите се во сорaботка со Локалниот вински музеј за регион Тиквеш – Кавадарци, под покровителство на градоначалникот и општината Кавадарци.
Ќе има повеќе категории за оценување. Бели, розе, црвени вина, посебна категорија на вина од станушина, како и лозова, комова ракија, мастика и овошни ракии.
- За оценување се приложуваат по две шишиња од секоја пријавена мoстра во 0,750l или 1l амбалажа и се плаќа котизација од 300 денари. На секое шише да има налепено за која сорта станува збор, а за „куве“, од кои сорти е купажата, година на берба, содржина на шеќер, содржина на алкохол, рекоа од Здружението, кое се залага за промоција на промоција на производи од грозје и вински туризам.
Оценувањето ќе го врши повеќечлена стручна комисија под раководство на проф. др. Михаил Петков, а резултатите ќе се соопштат на верскиот празник „Свети Трифун", кој се смета за заштитник на лозарите и винариите, на 14 февруари, на свеченоста во Винскиот музеј во Градскиот парк на Кавадарци.
Ќе се доделат награди на најдоброоценетите три вина и три ракии од секоја категорија. За награди можат да учествуваат само тие мoстри, за кои има докази дека се произведени во количина поголема од 200 литри и ракија, 20 литри. Комисија формирана од организаторот, ќе ги исконтролира произведените количини за првите три места.свд/бт/

Остани поврзан