• вторник, 05 ноември 2024

Верници од повеќе градови од земјава во Бигорски на именденот на владиката Партениј

Верници од повеќе градови од земјава во Бигорски на именденот на владиката Партениј
Дебар, 20 февруари 2022 (МИА) - Во присуство на верници од многу делови на државава, со запазување на пропишаните протоколи за заштита од Ковид-19, беше одбележан именденот на игуменот на свештената Бигорска Обител, неговото Преосвештенство г. Партениј. -Бескрајно ви благодарам мили мои гости и духовни чеда, што допатувавте дотука за да ја споделите заедно со нас радоста и убавината од денешното црковно празнување – попразненството на Сретението Господово и споменот на големиот Христов угодник и чудотворец, Свети Партениј, епископот Лампсакиски. Особено сакам да му се заблагодарам на мојот возљубен брат во Христа, Архимандрит г. Доситеј, старецот и игумен на Манастирот Гргетег во Србија, кој ни сотвори голема чест и радост со своето ценето присуство. Имено, тој е пријател на нашиот Манастир и на нашето Братство и за него можам да кажам само дека е човек на Христова љубов, рече меѓу другото во обраќањето г. Партениј. Од името на братството и сестринствата именденот на владиката Партениј му го честиташе неговото Високопреподобие, архимандрит Доситеј. Рече дека и оваа година благодатта Божја нè собра заедно, за соборно да се помолиме на големиот Христов чудотворец, епископот Лампсакиски, Свети Партениј, а истовремено со ова молитвено чествување, да го „одбележиме и именденот на Владиката на нашите срца, духовниот татко на повеќето од нас овде присутни, како и на уште многу повеќе телесно отсутни, но со духот дојдени овде во храмот на Чесниот Претеча“. -Ако секојдневието на еден обичен монах е распнувањето на стариот, паднат човек во нас, борбата со страстите и со разноразните демонски искушенија, како што тоа, впрочем, е мошне сликовито прикажано на фреската во ексонартексот, тогаш многу поголемо е катадневното распетие на нашиот Старец и Игумен, кој, згора на нашите лични страданија и искушенија, како и искушенијата и маките на уште илјадници свои духовни чеда, со љубов и проштавање ги трпи навредите и клеветите од надворешни луѓе кои не го ни познаваат добро, а ете си зеле или добиле задача да го оцрнуваат. Ваше преосвештенство, честит именден и на многаја лета, рече архимандрит Доситеј. Освен молитвите произнесени од своите срца за време на богослужението, духовните чеда на г. Партениј, од „Ѓорче Петров“-Скопје, од Охрид, Дебар, Ростуше, кичевскиот хор „Митрополит Козма Пречистански“, од Битола и друг градови, ја изразија својата благодарност и љубов кон својот духовен татко и преку неколку посвети, пригодни подароци и цвеќиња, а Билјана Андоновска од Битола и со поема. -Ви се заблагодарувам уште еднаш на сите, од сето срце свое и од сета душа своја, за обилната љубов со која ме опсипавте, за вашите искрени молитви и желби, коишто се толку драгоцени за мене и без кои не ќе можев да го носам тешкиот крст на архиерејската и игуменска служба, за вашите радосни лица и за вашите христољубиви души. Благословот на нашиот Отец меѓу Светиите, Партениј Лампсакиски Чудотворец нека биде со сите вас! За многу години, посака г. Партениј. До владиката Партениј пристигнаа и голем број честитки од разни краеви на државава и надвор од неа. вт/мд/

Остани поврзан