• недела, 22 декември 2024

Велосипедска тура „По патеката на оризот“ во Кочани по повод Меѓународниот ден без автомобили

Велосипедска тура „По патеката на оризот“ во Кочани по повод Меѓународниот ден без автомобили
Кочани, 22 септември 2022 (МИА) – Општина Кочани доцна попладнево ја организираше традиционалната велосипедска тура „По патеката на оризот“, со која се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден без автомобили и Европската недела на мобилност. Членови на велосипедски и спортски здруженија од регионот, ученици, рекреативци и граѓани возеа низ оризовите полиња на патека со должина од 15 километри, при што ја поминаа релацијата од пред зградата на Локалната самоуправа до селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, со повторно враќање на стартната точка во Кочани. Под мотото „Биди видлив“ поддршка во организирањето на велосипедската тура даде и Ротари клубот Кочани-Виница, а целта беше да се сврти вниманието кон зголемена заштита и безбедност на велосипедистите во сообраќајот. -Редовно даваме поддршка на вакви благородни активности, а годинава за сите учесници обезбедивме флуоросцентни елеци за да ги направиме повидливи на улиците и патиштата. Кај нас велосипедистите се недоволно заштитена категорија учесници во сообраќајот и сметаме дека треба засилено да се работи на подигање на јавната свест, особено меѓу возачите на моторни возила. Здравиот начин на живеење и заштитата на животната средина заслужуваат поддршка, користењето велосипед како превозно средство е еден од начините да се постигне тоа, а нашиот регион има одлични услови за спортски и рекреативен велосипедизам, истакна Сашко Андонов, претседател на Ротари клубот Кочани-Виница. Настанот беше спроведен според протоколите за безбедност во сообраќајот од страна на Одделението за внатрешни работи – Кочани. Велосипедската тура „По патеката на оризот“ почна да се реализира од пред три години, кога се вклучија и дипломатски претставници од европските држави кои во изминатиот период дадоа исклучителен придонес во заштитата на животната средина во Кочани и во регионот. та/лв/    

Остани поврзан