• понеделник, 23 декември 2024

Велешкиот клуб на писатели „Коста Солев Рацин“ на 12 - тата Поетско-сатирична  вечер ги собра поетите од повеќе македонски градови

Велешкиот клуб на писатели „Коста Солев Рацин“ на 12 - тата Поетско-сатирична  вечер ги собра поетите од повеќе македонски градови
Велес,15 јули 2021 (МИА) - Со целовечерна 12 по ред Поетско-сатирична вечер велешкиот Клуб на писатели „Коста Солев Рацин“, а која се одржа во рамки на „Велешкото културно лето 2021“ што го организира Општина Велес синоќа во дворот на ООУ „Васил Главинов“ во Велес ги собра македонските поети од повеќе градови од земјава од Охрид, Струмица, Прилеп, Кочани, Штип и Велес. Писателката и организатор на вечерта Јасмина Ѓорѓиева им порача нивните стихови да пуштат глас најгласно и нека се чујат насекаде, како што доликува од градот на Рацин. Најпрво настапија велешките поети Нада Алексоска и Родна Јанчева, а потоа и Божидар Јовиќ, Светлана Далевска и Атанас Крлевски, кој настапи со повеќе свои афоризми, а потоа и велешките поетеси Гордана Б.Николовска и Наташа Брезовска-Богоевска и најмладата Вероника Саздовска. Од Охрид настапија поетите Митре Мангоски Радождански,Мирко Томовски,Митко Колјушевски и Трифун Ѓорѓиески. Од Струмица со своите хумористични афоризми се претставија Ацо Ѓорѓиев и Ристо Филчевски. Од Штип се претаставија поетите Миланчо Миленкоски,Делчо Везенковски и Благица Ефремова. Од Прилеп настапи поетот Блажо Стојкоски. Од Кочани се претставија поетите Јане Атанасов,Тоше Илиев,Славица Цветкова Ружа Стојмилова и Атанас Ѓорѓиев со своја песна која самиот ја придружи со музика од гуслла. Во втората група од Кочани настапија поетите Блашка Стојковска,Марина Гоцевска и Маре Стојкова. Во  разговорот за МИА поетесата Славица Цветкова, која има објавено десет книги, а е коавтор на уште четири други, во Велес настапи со својата носталгична песна  „Самотија“ и ги разбранува душите на присутните, со стихови за осамените постари лица во македонските села и градови и нивната носталгија по старите среќни времиња и нивните блиски и пријатели. - Ние сме редовни гости на поетските вечери на велешкиот клуб на писатели, а  со кои имаме одлична соработка.На велешкото културно лето доаѓаме  со посебно задоволство, во Велес  во градот на Рацин кој е лулката на современата македонска поезија.Убави се овие дружења тука затоа што се среќаваме и се дружиме поетите од сите краишта во Македонија,а со своите стихови ние ја  негуваме и продолжуваме поезијата на мајчин македонски јазик, потенцира Цветкова. Појасни дека покрај поезија и проза во Кочани посебно се негува афоризмот и секоја година ја одржуваат манифестацијата „Вечер на македонскиот афоризам“ на кој настапуваат афористичари од земјава меѓу кои и од Велес.Таа има и пет книги со монографски трудови за селата од Чешиново Облешево и  последната промовира пред една недела, за селото Очипала односно за едно маало во ова село. Во разговорот за МИА поетот Миланчо Миленкоски од Штип,од Литературниот клуб „Искра“ појасни дека вој литературен клуб е еден од најстарите од земјава формиран во далечната 1947 година од страна на Љупчо Стојменски  и уште неколку поети, а подоцна во 1974 година е продолжено неговото творење се до денес и околу 200 штипски поети поминале и твореле во соработка со овој литературен клуб. - Ние како клуб на писатели веќе неколку години доаѓаме на велешките поетски вечери и преку овие вечери разменуваме искуства и се дружиме. Во Штип има вакви поетски вечери на кои доаѓаат поетите од Велес и другите градови. Воедно вакви поетски манифестации се одржуваат и во други македонски градови, појасни Миленкоски. Поетско-афористичарската вечер во Велес заврши со изведба на песната „Денови“ од Кочо Рацин, ја прочита Ружица Николова, а сите присутни поети по неа едногласно ја рецитираа една од најпознатите Рацинови песни. ад/цр  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан