• понеделник, 23 декември 2024

„Велешка питијада“ од 7 до 8 октомври

„Велешка питијада“ од 7 до 8 октомври

Велес, 6 октомври 2022 (МИА) - Општина Велес по три години пауза од 7 до 9 октомври повторно ќе ја организира „Велешката питијада“, традиционалниот фестивал на велешка пита пастрмајлија и македонски вина од Велес и целото Повардарие. Освен пита и вкусни македонски вина ќе има и музика со настап на познати македонски пејачи и групи од народната и забавната музика, и други интересни содржини како изложба на стари коли - олдатјемри во сабота и претставување и сечење на џиновската пита пастрмајлија во недела во 16 часот.

Манифестацијата како и порано ќе се одржи на главната улица „Благој Ѓорев“ во близина на кафитериите и кај култното место „Панини“, а наспроти ќе биде поставена и бината за настап на учесниците.

На манифестацијата се пријавиле 13 угостители од градот кои договориле и единствена цена од 200 денари на питата пастрмајлија за стандардна големина. Воедно бројните винарии од Велешко и цело Повардарие на посетителите ќе им нудат и квалитетни македонски вина по 50 денари за чаша.

За сите гости од други градови паркинзите  за возила  во Велес и во овие денови ќе бидат бесплатни, а градоначалникот Марко Колев апелира до велешани како добри домаќини за помалку сообраќај во градот да не ги возат своите автомобили за време на питијадата.
 
Сообраќајот како и на поранешните манифестации ќе го регулира сообраќајната полиција од СВР Велес, по точно утврден режим, а  за што издаде и соопштение во медиумите.
Во забавниот дел од манифестацијата секој ден од 18 часот ќе настапат познати македонски фолк и поп рок пејачи и групи: во петок Миле Кузмановски,The hounds, ДНК, Нокаут, во сабота од 18 часот детската група од Дајте музика, Наум Петрески и Зуица Лазова, Фолтин и Каролина Гочева. Во недела  5 + бенд, Сузана Спасовска, Академци, Љубојна+Brass Fantasy и Лозано.
Градоначалникот Колев потенцира дека прават напори да го вратат некогашниот сјај на манифестацијата „Велешка питијада“ односно на посетителите да им  понудат вкусни и пресно подготвени пити пастрмајлии и добра забавно-музичка  програма и други интересни содржини, како дополнување на манифестацијата. Целта е понатаму манифестацијата да придонесе за развој на туризмот и привлекување на  посетители и од други земји, потенцираат организаторите.ад/

 

Остани поврзан