• среда, 20 ноември 2024

Ваучери за студенти за посета на туристички места во земјава, нова мерка за која се планирани 64 милиони денари  

Ваучери за студенти за посета на туристички места во земјава, нова мерка за која се планирани 64 милиони денари  

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) –  За студентите ќе има ваучери за туризам како дополнителна мерка за подобрување на студентскиот стандард, покрај поддршката за превоз што е дел од пакетот антикризни мерки. Новата поволност за студентите ќе почне да се применува од јануари идната година и оние што ќе добијат ваучер за посета на туристичко место во земјава ќе може да го искористат во текот на целата годината.

Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека целта на новата мерка за студентите е да се поттикне и домашниот туризам и дека се предвидени 64 милиони денари. Најпрво се очекува да бидат опфатени околу три до четири илјади студенти од државните универзитети, а потоа бројот би се  проширил. За износот на ваучерот ќе се прифати предлогот на самите студенти. 

-Предлог на Министерството за економија е  сумата на ваучерот да се движи од 300 до 400 евра по студент. Студентите сами ќе одлучат дали сумата да биде помала или поголема. Ако е помала сумата на ваучерот, тогаш ќе бидат опфатени повеќе студенти, а ако е поголема – ќе бидат опфатени помалку студенти. Тоа денеска го разговаравме и во рок од една недела студентите имаат можност писмено да ни ги достават нивните предлози кои ќе бидат прифатени од Министерството за економија. Приоритет на државата се државните универзитети, а одлука на студентите ќе биде дали да бидат опфатени и студенти од приватните универзитети, изјави министерот Бектеши по средбата со претставници на студентски организации од државните универзитети во  Министерството за економија.

Како што рече, придобивки од ваква мерка имале работниците со ниски приходи и тоа давало одлични резултати, но дека и на студентите треба да им се даде можност да ги посетат туристичките места во државата.

-Ова ќе биде и одлична можност да се запознаат со културно наследство и можностите што ги имаме како држава, додаде Бектеши. 

На состанокот присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој изјави дека со новата мерка ќе се подигне студентскиот стандард, покрај другите мерки од МОН за поддршка на студентите, меѓу кои е и субвенционираниот студентски оброк и повисок износ на стипендиите.  

-Мерката е за поздравување,  секогаш треба да се најде начин како  студентите да се мотивираат за подобри резултати. Ние треба да го поврзуваме секторот образование што повеќе со другите сектори, но исто така да имаме можност и да имаме влијание во економското развивање на некои туристички места во нашата земја, истакна Шаќири. 

На состанокот со студентите се разговарало и за  нивна поддршка во рамки на мерките за малите и средните претпријатија, за што се предвидени над 80 милиони денари.

-Како што даваме предност на женското претприемништво, каде што управител или сопственик е жена, одлучивме дополнително во сите јавни повици и во сите програми кои ќе ги усвоиме во текот на овој месец и на почеток на наредниот месец, жените претприемачи и студентите да имаат предност во искористување на мерките кои не се мали во вредност. Зборуваме за околу 1,4 милион евра за да основаат компанија или, пак, ако се микро и мали компании да имаат можност со тие средства да ги развиваат своите компании, соопшти Бектеши.  

Покрај овие нови мерки за поддршка на студентите кои беа соопштение денеска, за над 15 илјади студенти со антикризните мерки е предвиден надомест за превоз доколку студираат надвор од местото на живеење.  

Во зависност од пресметаните трошоци за превозот, тие ќе добиваат ваучери за превоз во износ од 600 до 1.200 денари. Надоместокот ќе го добиваат во наредните седум месеци односно до крајот на академската 2023/2024 година. хс/са/

Фото: МИА 

 

 

 

  

Остани поврзан