• понеделник, 23 декември 2024

Вархеји: Работиме на интеграција на Западен Балкан во ЕУ пазарот пред полноправно членство

Вархеји: Работиме на интеграција на Западен Балкан во ЕУ пазарот пред полноправно членство
Брисел, 19 мај 2021 (МИА) - Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, се обрати попладнево пред Виенскиот економски форум преку видео врска за да ги презентира придобивките од Економскиот и инвестицискиот план на Европска Унија за Западен Балкан и економските перспективи на регионот, јави дописничката на МИА од Брисел.
- Европската Комисија преку Економскиот и инвестициски план (ЕИП) за Западен Балкан планира да мобилизира до 28 милијарди евра преку фондови и поттикнување инвестиции во регионот, потсети Вархеји.
Тој додаде дека планот има за цел да го приближи економски Балканот до стандардите на ЕУ уште пред полноправното членство, а во Брисел се размислува и за целосна интеграција во одредени сегменти на заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ.
- Разгледуваме начини како да  го интегрираме Западен Балкан во единствениот пазар во некои области, сакаме земјите од Западен Балкан да учествуваат во креирањето на политики пред да станат полноправно земји членки на ЕУ, истакна Вархеји и додаде дека досегашните напори на регионално ниво за приближување на стандардите на пазарот, признавање на дипломи, обуки, олеснување на слободното движење на луѓето во регионот се важни чекори кон ЕУ стандардите.
Тој го пофали фактот што регионот од ова лето ќе го укине роамингот меѓусебно, а во Брисел се работи за значително намалување на цените на роамингот помеѓу ЕУ и Западен Балкан, потврди еврокомесарот за проширување.
Вархеји нагласи дека за регионот ЕУ перспективата и можностите што ги нуди Економскиот и инвестициски план се најдобар гарант за земјите.
- ЕУ нуди најдобри услови за инвестиции не само затоа што е мешавина на грантови и заеми туку и затоа што имаме знаење, тоа ќе овозможи да се избегнат неповолно заеми од трети страни како што се случи со Црна Гора, посочи Оливер Вархеји, алудирајќи на случајот со кинескиот заем кој Подгорица не може да ги исплати и за кој бара помош од ЕУ.
Комесарот задолжен за проширување истакна дека 68 отсто од трговијата на Западен Балкан се прави со ЕУ и дека над 60 отсто од директните странски инвестиции во регионот се од Европската Унија.
- Балканот и ЕУ се соочуваат со слични предизвици во овој период на економска рецесија поради Ковид-19 и ЕУ смета дека истите рецепти треба да се спроведат во регионот како и во земјите на Унијата, односно масовни инвестиции, што е цел и на ЕИП, наведе Вархеји.
Планот на ЕУ се фокусира пред се на енергија, дигитализација, зелена економија, транспорт и поврзување. тм/ми/

Остани поврзан