• петок, 22 ноември 2024

Вардар, Црна Река и езерото Младост порибени со 1600 килограми крап

Вардар, Црна Река и езерото Младост порибени со 1600 килограми крап

Велес, 5 март 2021 (МИА) - Велешкото Здружение на спортски риболовци „Бабуна“, согласно законските обврски како концесионер на Ревирот Вардар 4, денеска со цел да го збогати рибниот фонд, ги пориби Вардар во Велес, Црна Река и велешкото езеро Младост со 1600 килограми крап.

Лазар Лазаревски од ЗСР „Бабуна“ информира дека секоја риба е некаде со тежина од околу 800 грама, што е во согласност со договорот за концесија.

- Освен задолжителните 500 килограми за што сме обврзани како концесионери, ние од сопствени средства набавивме дополнително уште 1100 килограми или денеска во Вардар, Црна и езерото Младост пуштивме 1600 килограми риба-крап со цел да го збогатиме рибниот фонд во реките и езеро Младост на кои сме концесионери во рамки на Ревирот Вардар 4, рече Лазаревски.

Тој најави дека понатаму планираат и порибување со пастрмка, што ќе зависи од условите за порибување, односно временските прилики и големината на реките.

Инаку, минатата година на истите водни локации ЗСР „Бабуна“ пориби 500 килограми крап.

Од ЗСР „Бабуна“ информираат дека за жал на овие реки и езерото Младост нивната рибочуварска екипа редовно фаќа рибократци кои наместо со трска  риба ловат со мрежа, поради што соодветно се санкционирани.

- Рибочуварската служба на „Бабуна“, која редовно врши контроли на својот Ревир Вардар 4, лани одзеде 103 мрежи од несовесни рибократци. Мрежите се одземени и уништени, а сите рибократци се соодветно казнети, рече тој.

ЗСР „Бабуна“ има околу илјада членови од Велес, но од соседните општини и од други градови во земјата. ад/фф/

Остани поврзан