„Валв“ работи на нова конзола
- Тоа, меѓу другото, значи и поевтина пренослива конзола во блиска иднина. Се очекува и излез од „кризата“ со лошо оптимизирани игри.
Сиетл, 27 јануари 2025 (МИА) - Индустријата за видеоигри минува низ период што некои познавачи го гледаат како пресвртница кон нова ера во овој виртуелен свет.
За што станува збор? Додека „Сони“ (Sony) нема директна конкуренција, а на „Мајкрософт“ (Microsoft) му недостасува јасна насока, пазарот на компјутери се бори со прескапиот хардвер што станува недостапен за голем број играчи. Во меѓувреме, пак, „Нинтендо“ (Nintendo) најави нова конзола, додека „на мала врата“ се појавува потенцијално нова конкуренција. Се работи за можен нов производ на американскиот производител „Валв“ (Valve), чијшто „Стим дек“ беше, според многумина - одличен потег, со неколку милиони продадени примероци од оваа конзола.
„Стим дек“ предизвика уште поголем интерес за преносливите конзоли, поттикнувајќи ги и „Сони“ и „Мајкрософт“ да влезат во таа трка каде што, веројатно, и не планирале да влезат, барем не толку брзо.
Со претстојното целосно издание на придружната програма „Стим-ОС“ (SteamOS), се верува, работите повторно ќе одат на подобро. Тоа, меѓу другото, значи и поевтина пренослива конзола во блиска иднина.
Се очекува и излез од „кризата“ со лошо оптимизирани игри.
Во однос на „Валв“, исто така, се очекува оваа компанија да ги следи стапките на „Икс-бокс“ (Xbox) и „Плејстејшн“ (PlayStation), околу поврзаноста на конзолата со компјутер, што значи и побогата понуда за гејмерите. И, се чини, „Стим дек“ покажа дека сѐ тоа е можно. си/сд/
Фото: „Валв“