• петок, 05 декември 2025

Бујар Османи со стратегија на здравствена поддршка на пензионерите во Чаир: Мобилна болница и проект „Нега во домот“

Бујар Османи со стратегија на здравствена поддршка на пензионерите во Чаир: Мобилна болница и проект „Нега во домот“

Скопје, 7 септември 2025 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, ја презентираше својата сеопфатна стратегија за здравствена и социјална поддршка на пензионерите, насочена кон достоинствен и активен живот на постарите граѓани.

Мерките, како што истакна Османи, ќе се реализираат со конкретен буџет, партнерства и вклучување на самите пензионери во нивната имплементација.

Според него, најважните делови од оваа стратегија се двата крупни здравствени проекти „Нега во домот“ и „Подвижна болница низ маалата“, со кои општината првпат ќе го воведе моделот на здравствена грижа што доаѓа до граѓаните, наместо обратно.

-Ќе формираме мобилни тимови составени од лекари и медицински сестри кои ќе ги посетуваат пензионерите во нивните домови, особено оние што живеат сами. Идејата е овие лица да бидат посетувани од тим на лекари и физиотерапевти до двапати неделно, појасни Османи на денешната прес-конференција.

Со проектот „Подвижна болница“, општината ќе организира караван на лекари кои ќе вршат бесплатни здравствени прегледи низ маалата на Чаир, во точно утврдени термини.

-Првпат во Чаир, лекарите ќе вршат бесплатни прегледи низ улиците и маалата. Овој караван ќе биде постојан систем на здравствена поддршка за секој граѓанин, рече Османи.

Покрај здравствената грижа, тој најави и субвенции за престој во домовите за стари лица, со што Чаир ќе стане првата општина во државата што обезбедува ваков тип финансиска помош.

-Ќе обезбедиме поддршка за достоинствен престој на пензионерите кои имаат потреба од таква грижа, без да се оптоваруваат нивните семејства, нагласи Османи на презентацијата.

Во програмата се вклучени и низа социјални и рекреативни мерки, меѓу кои организација на екскурзии и патувања, реновирање и создавање на клубови на пензионери кои треба да добијат нов изглед, опрема и буџет за активности за пензионерите, курсеви, кино проекции и друго.

Преку проектот „Никогаш не е доцна за нови знаења“ општината ќе обезбедува бесплатни курсеви за користење на мобилни телефони, интернет и банкарски услуги за полесно снаоѓање во дигиталното време.

-Овие мерки веќе ги планираме со конкретни партнери и со предвиден буџет. Ќе работиме рака под рака со здруженијата на пензионери, затоа што тие најдобро знаат што им е потребно, рече Османи.

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, преставувајќи ја програмата „Со срце за возрасните“, рече дека таа е фокусирана на зголемување на квалитетот на животот на пензионерите преку директна финансиска помош и системска грижа. Програмата предвидува три клучни мерки за подобрување на економската сигурност на постарите лица, и тоа месечна парична поддршка, субвенции за престој во домови за стари лица и картичка за попусти во аптеки и маркети.

-Најпрво, ќе ги поддржиме финансиски постарите лица. Предвидуваме помош за сите пензионери со ниски приходи, за оние кои најмногу ја чувствуваат тежината на месецот. Во првите две години од мандатот ќе започнеме со 2.500 денари за пензионерите со минимални приходи, со тенденција оваа поддршка да достигне до 5.000 денари, изјави Османи.

Втората мерка предвидува поддршка за достоинствена грижа на повозрасните лица кои немаат семејна поддршка или живеат во потешки материјални услови, вклучително и можност за субвенционирано сместување во домови за стари лица, доколку тоа е нивна потреба или избор.

-Ќе обезбедиме субвенции за престој во дом за стари лица за оние со најниски приходи. Ниту еден пензионер не смее да остане без поддршка, ниту без место каде што ќе се чувствува безбедно и згрижено“, нагласи Османи.

Третата мерка од програмата се однесува на картичката „Златни години“, која ќе обезбеди попусти во аптеки и при купување на секојдневни производи, преку партнерства со локални бизниси и синџири на маркети.

-Со оваа картичка ќе им го намалиме товарот на најважните трошоци, здравствените и основните. Таа ќе биде симбол на почит и грижа од општината кон секој пензионер, рече Османи.

Во своето обраќање, Османи потенцираше дека во Чаир живеат над 7.400 пензионери, што е повеќе од 15% од возрасното население.

Тој порача дека оваа програма е резултат на неговата долгогодишна работа со повозрасни лица и дека нејзината цел е да обезбеди достоинствена старост и економска сигурност за секој пензионер во Чаир. сст/вг/

фото принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан