• петок, 22 ноември 2024

Бучим и Боров Дол привремено ќе го прекинат процесот на производство

Бучим и Боров Дол привремено ќе го прекинат процесот на производство
Скопје, 28 август 2022 (МИА) – Од 1 септември годинава рудниците Бучим и Боров Дол ќе прекинат со процесот на производство на определен период во кој е планирано да се направи целосна замена на флотомашините во рудникот Бучим со нова опрема, која што е дизајнирана и изработена од светски реномираната компанија Метсо Оутотек, и да се изгради фотонапонска централа за производство на електрична енергија, со што ќе се постигне намалување на зависноста од цената на електричната енергија на отворениот пазар. Со тоа, како што информираат од компанијата, рудникот Бучим ќе има најсофистицирана опрема за обработка на бакарна руда и производство на бакарен концентрат. -Проектот за модернизација започна да се реализира уште од септември 2021 година, притоа, во наредниот период се очекува испораката на опремата, велат од компанијата и нагласуваат дека уште од јануари годинава започнале со активности за изградба на фотонапонска централа. За време на реализирањето на овие две капитални инвестиции, велат дека ќе се продолжи со континуираните геолошки истражувања. -До денешен ден се евидентирани дополнителни количини на руда кои што ќе го продолжат животниот век на рудниците за дополнителни 5 до 7 години. Исто така, несомнено е дека текот на привремениот застој, рудниците ќе се придржуваат и ќе ги исполнуваат своите обврски согласно издадените А-интегрирани еколошки дозволи‚ ќе се врши мониторинг, а воедно ќе се разгледуваат можности за унапредување на намалувањето на влијанието на рудниците врз животната средина, порачуваат од компанијата. Во текот на привремениот прекин со производство посочуваат дека вработените ќе бидат платени согласно законските прописи, при што дел од вработените ќе бидат задолжени за тековното одржување на опремата, а во текот на инвестициските зафати, вработените ќе бидат дополнително ангажирани зависно од потребата. -Претстојниот период на привремениот застој, рудниците ќе го искористат за ефикасна и брза реализација на стратегиските одлуки во однос на инвестициските проекти. Целта на компанијата е одговорно вложување во корист на сегашните и идните генерации, преку подобрување на производствените перформанси, подобрување на условите за работа на рударите и одржлив развој на заедниците и покрај опкружувањето полно со предизвици. Долгорочно гледано, овие инвестиции освен што ќе го продолжат социјалниот и економскиот развој на регионот и државата, ќе придонесат и за динамизирање на „зелениот” раст и развој, максимизација на производството и развој на одржливи работни места, истакнуваат од компанијата. Оттаму им го честитаат Денот на рударите - 28 Август, големиот православен празник Успение на Пресвета Богородица, заштитничка на рударитеи  на сите вработени во секторот и истакнуваат дека по повод празникот сите 674 вработени добија парични награди, а на најдобрите 27 рудари од страна на менаџментот им беа врачени плакети и специјални парични награди за нивниот особен придонес помеѓу двата празника. -На општините Радовиш и Конче, чествувајќи го Денот на рударите и потврдувајќи ја својата заложба за континуирана, конструктивна и колаборативна соработка во насока кон развој на заедниците, рудниците доделија донација во висина од по 5.000 евра, кои општините ќе ги искористат за реализација на проекти од областа на културата и инфраструктурата, информираат од компанијата. вј/вг/

Остани поврзан