• вторник, 26 ноември 2024

Булеска: Ракот се лекува, потребни се повеќе превентивни прегледи

Булеска: Ракот се лекува, потребни се повеќе превентивни прегледи
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Ракот се лекува скоро во сите форми. Има типови рак кои се многу излечиви и кои се многу познати на медицинските стручњаци, меѓутоа, се лекуваат доколку се рано детектирани, во рана фаза, додека не се системски многу проширени и не се зафатени некои витални органи. Кај нас, за жал, многу често се оди на лекар кога болките се неподносливи и симптомите веќе укажуваат дека нешто сериозно се случува, вели за МИА Наташа Булеска, активистка за борба против рак на дојка. Булеска, која и самата пред десетина години се изборила со рак на дојка, смета дека здравствената култура кај нас во смисла на превенција е на пониско ниво. Иако во државата има неколку програми за скрининг на рак, таа вели дека познава само неколку здрави луѓе кои биле повикани да појдат на превентивен преглед. - Постојат неколку програми за ран скрининг за рак на ендометриум, за рак на дојка и за рак на дебело црево. Јас искрено знам многу малку луѓе кои се здрави и кои добиле покана да појдат на превентивен преглед иако немаат никакви проблеми. Во светот за здравствениот систем да си намали на лекување на многу луѓе во поодмината фаза на болеста се посветува многу внимание на вакви превентивни прегледи или скрининзи на популација која е асимптоматска и која немала никаков проблем, а да не зборуваме секако се води сметка за оние кои имаат некаква семејна историја и кои во своето опкружување имале блиски членови на семејството кои боледувале и поради самото тоа се со повисок ризик-фактор, посочува Булеска. За ова треба постојано да се зборува, вели таа, а не само за време на месецот Октомври, кој е месец за борба против рак на дојката. Булеска, сепак, се надева дека и со овие активности ќе се поттикнат жените да се самопрегледуваат. - Се надевам дека ќе ги поттикнеме, пред сè, младите жени над 21 година да се самопрегледуваат, конкретно за ракот на дојка, да појдат кај гинеколог, и ако имало каква било семејна историја, да одат на прегледи на дојките уште од порана возраст, над 30 - 35 години. Во поголем дел од развиените земји на 40 години веќе се почнува со скрининг на сите, значи и на здрава популација на жени, за да се детектираат, рече Булеска. Таа ги повикува посебно помладите да разговараат за, како што посочува, таа дијагноза, бидејќи младите понекогаш се срамат од неа. Со Булеска се сретнавме да зборуваме за трчањето, нејзина пасија и хоби бидејќи, и покрај здравствените предизвици, се охрабрила да тренира и веќе има истрчано пет полумаратони. Според неа, и додека лицата се лекуваат од рак, би можеле да почнат со одредена физичка активност во зависност од психичката и физичката состојба. - Во принцип, и додека трае лекувањето, жените, секако и мажите, би можеле да започнат со некоја физичка активност во зависност од тоа во каква состојба се и психички и физички. Секој од нив може и според мене треба да грижи за своето здравје поактивно. Во продолжение проследете го целиот разговор со Наташа Булеска, активистка за борба против рак на дојка и вљубеник во трчањето: Наташа, вие сега го истрчавте Скопскиот полумаратон. Од кога трчањето стана ваша пасија и зошто се решивте да практикувате трчање? - Почнав со трчање на Скопскиот полумаратон во 2018 година и тоа ми беше првиот полумаратон, сега ми беше петти. Не бев многу млада кога почнав. Имав 42 години и тоа беше отприлика едно девет години од мојата операција. Оперирана сум од рак на дојка на доста млада возраст, на 33 години, и мислев дека за моето здравје е многу важно да направам нешто позитивно и впрочем имав вишок енергија, која, освен на работа и на нашата ќерка, сметав дека можам да ја потрошам и правејќи добро за себе и со пример да им покажам на ќерка ми и на останатите жени дека е важно да се грижат за себеси и да направат време за себе. Оттогаш поминаа години. Трчањето ми е веќе таква навика што дури и кога патувам на два дена некаде ги пакувам патиките и гледам секоја можност да ја искористам за да излезам надвор. Го сметам и трчањето исто како и престојот во природа, многу често многу сликам. Моите пријатели и пријателки се шегуваат со тоа: одамна нè немаш почестено со некое небенце. Гледам да сликам слики од природа, слики од зајдисонца, од изгрејсонца. Зависи кога трчам и го сметам и за присуство и за спојување со природата. Го знам мирисот на Вардар. Знам кога е есен или пролет, според тоа какво е времето и според тоа гледам да го поминам времето во трчање во повеќе разговор со себе, но и повеќе уживање во природните убавини околу нас. Мислам дека имаме многу убавини околу нас. Во нашето општество сме фокусирани на негативното, а впрочем имаме многу убави нешта околу нас. Имаме убав парк, го имаме Водно, ја имаме реката... Не многу градови имаат таква привилегија да имаат толку зеленило и мислам дека недоволно ги консумираме, недоволно ги користиме. Секако, недоволно се грижиме за нив, но тоа не ни е денеска тема на разговор. Се трудам да го видам позитивното, каде што можам да помогнам, нели, да биде поубаво, но и да уживам во она што го имаме, оти навистина мислам дека секогаш има и убава страна на нештата ако тоа сакаме да го видиме. Нашиот разговор се поклопува со месецот Октомври, кој е месец за борба против ракот на дојка. Во името на сите жени што го поминале ова или го поминуваат, а имаат дилеми дали и како да почнат да се грижат за своето физичко здравје со некоја активност, што би им препорачале? Вие се занимавате со трчање и покрај тоа што рековте сте поминале ваква болест? Можат да почнат, кога, дали треба да се консултираат?  - Бидејќи ракот е вистина многу индивидуална болест, нели дури се смета за група болести и многу е различно како ја поминува, како се лекува и какви потреби има секој пациент. Би спомнала дури тука да претежно зборуваме за жени, кога зборуваме за рак на дојка, меѓутоа на секои сто случаи еден ќе е маж. Мислам дека малку зборуваме за тоа дека ракот на дојка ги погодува и мажите, за жал. Сметам дека здравјето и грижата за здравјето, се разбира, секој треба да си ја води посебно и треба да си почувствува кога е способен, иако нема ограничувања. Во принцип, и додека трае лекувањето, жените, секако и мажите, би можеле да започнат со некоја физичка активност во зависност од тоа во каква состојба се и психички и физички. Секој од нив може и според мене треба да грижи за своето здравје поактивно. За жал, веќе станува сè појасно дека современиот начин на живот не носи многу здравје, односно дека за здравјето треба многу активно да се грижиме, дека би требало секој од нас да практикува некоја активност, она што му одговара. Јас со години вежбам јога и мислам дека тоа многу ми помогнало и психички и физички за да сум смирена, да сум отворена и да го прифатам она што ми се случува. Соодветно се мобилизирам со сите свои сили за да се изборам за здравје и потоа, нели, да го одржувам здравјето. Со трчањето почнав подоцна, исто планинарам. Тоа ми е од татко ми, кој е пасиониран планинар. Сум била двапати на искачување на Алпите со жени оперирани од рак на дојка, во 2011 и 2018 година. Првиот пат со сто, вториот пат со уште повеќе жени оперирани од рак на дојка. И целта на тој настан беше токму тоа, да покаже дека нема никави ограничувања по лекување од рак, дека сите ограничувања сами си ги наметнуваме или средината. Значи дека доколку сакаме со поддршка од професионалци, со поддршка едни со други со таа солидарност помеѓу жените и нивните семејства и пријатели, пријателки и партнери дека можеме да направиме или да постигнеме сè што сакаме. Тоа во нашето опкружување е малку потешко зашто сè уште малку зборуваме за ракот. Мило ми е што ме прашавте за ова оти сметам дека посебно за младата популација многу малку се зборува и младите како да се срамат понекогаш од таа дијагноза, како да се чувствуваат оштетно или несоодветно за да за нив се поводи посебно сметка оти поинакви проблеми и предизвици имаат младите луѓе, младите жени и мажи кои се борат со оваа болест, оти треба да живеат уште долго и продуктивно и да придонесуваат и за себе и за нашето општество, а за нив скоро и да нема мерки и активности и програми кои ќе им понудат полесно да почнат повторно да работат, да творат и да бидат активни учесници во нашето општество. Мислам дека првенствено треба да се тргне таа мисла што сме ја имале во минатото дека ракот не се лекува. Токму спротивното, ракот се лекува, може да се излечи и може да се најдат многу начини како да се направи тоа. Првенствено е она што треба е да се одржи духот на едно високо ниво и да се добие огромна поддршка од средината.  - Да, мислам дека здравствената култура кај нас е на пониско ниво во смисла на превенција. Значи, ракот се лекува скоро во сите форми, меѓутоа имате и типови рак кои се многу излечиви и кои се многу познати на медицинските стручњаци, меѓутоа се лекуваат доколку се рано детектирани, во рана фаза, додека не се системски многу проширени и зафатени некои витални органи. Кај нас, за жал, многу често се оди на лекар кога веќе болките се неподносливи и симптомите веќе укажуваат дека нешто сериозно се случува. Постојат неколку програми за ран скрининг за рак на ендометриум, за рак на дојка и за рак на дебело црево. Јас искрено знам многу малку луѓе кои се здрави и кои добиле покана да појдат на превентивен преглед иако немаат никакви проблеми. Во светот за здравствениот систем да си намали на лекување на многу луѓе во поодмината фаза на болеста се посветува многу внимание на вакви превентивни прегледи или скрининзи на популација која е асимптоматска и која немала никаков проблем, а да не зборуваме секако се води сметка за оние кои имаат некаква семејна историја и кои во своето опкружување имале блиски членови на семејството кои боледувале и поради самото тоа се со повисок ризик-фактор. Имаме многу работа на тоа поле и мене ми е жал што најчесто само во октомври и разговараме за оваа тема. Ова се нешта за кои би требало во континуитет да разговараме и можеби само да кулминираат во одредени месеци кои во светски рамки се одбележуваат, ама и ова е добро и ова е напор и почеток. Се надевам дека ќе ги поттикнеме, пред сè, младите жени над 21 година да се самопрегледуваат, конкретно за ракот на дојка, да појдат кај гинеколог, и ако имало каква било семејна историја, да одат на прегледи на дојките уште од порана возраст, над 30 - 35 години. Во поголем дел од развиените земји на 40 години веќе се почнува со скрининг на сите, значи и на здрава популација на жени, за да се детектираат. Елизабета Вељановска Најдеска видео и монтажа: Аслан Вишко https://www.youtube.com/watch?v=3H9FhBdYrs4

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан