• вторник, 26 ноември 2024

Бронзен медал за македонскиот средношколец Давков на Балканската олимпијада по информатика

Бронзен медал за македонскиот средношколец Давков на Балканската олимпијада по информатика

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) – Македонскиот средношколец Дамјан Давков од Штип го освои бронзениот медал на 30. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2023) која денеска заврши во словенечкиот град Марибор.

Во конкуренција на најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од 13 земји од Балканскиот полуостров и соседството, забележителен настап остварија и преостанатите тројца членови на македонскиот тим - Марко Петров и Софија Велковска од Скопје, како и Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Петар Ковачовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Секоја земја членка на БОИ иницијативата, чиј претседател е професорот на ФИНКИ, д-р Миле Јованов, учествува со тим составен од четворица натпреварувачи, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми во два натпреварувачки дена.

На годинешното издание на БОИ учествуваа вкупно 51 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција, а во неофицијална конкуренција со свои тимови настапија и Швајцарија, Украина, Саудиска Арабија и Киргистан.

Настапот на македонските ученици на Балканијадата во Словенија беше под покровителство на шефот на државата Стево Пендаровски, кој претходно годинава и со лична донација ги поддржа активностите на Здружението на информатичарите на Македонија.

Оваа година циклусот натпревари организиран од Здружението беше поддржан и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), општествено одговорните компании Нетцетера, Сорсикс, Семос Едукација, здружението „Бистри умови“ и неколку локални поддржувачи.

На крајот на овој месец нашата држава ќе биде домаќин на Балканската олимпијада по информатика во јуниорска конкуренција. ег/дма/

Фото: ЗКМ

Остани поврзан