Брод погоден од дрон во Црното Море во територијалните води на Романија
- Погоден е бродот „Лариса 1“, кој пловел кон пристаништето Сулина, а крајна дестинација била Украина
Букурешт, 14 ноември 2026 (МИА) – Брод што пловел под знамето на Палау синоќа е погоден од дрон во Црното Море, во територијалните води на Романија, на околу 12 километри северно до местото Свети Ѓорѓи во делтата на Дунав, соопштија денеска романските власти.
Погоден е бродот „Лариса 1“, кој пловел кон пристаништето Сулина, а крајна дестинација била Украина.
Нападот бил пријавен синоќа по 21 часот, а според првичните информации, дронот го оштетил само кранот за ракување со товар.
Романскиот министер за одбрана Штефан-Раду Опреа го потврди инцидентот, додавајќи дека се спроведува истрага.
Тој истакна дека романските власти постојано ги следат објектите забележани на водата и во близина на воздушниот простор на Романија.
Опреа наведе дека вчера во округот Тулча биле издадени најмалку две предупредувања. Тој додаде дека армијата соработува со Министерството за внатрешни работи и Крајбрежната стража во следење и реагирање на евентуалните закани, вклучително и беспилотни летала што се приближуваат кон романскиот воздушен простор или територијални води. ми/
фото: МИА архива