• недела, 22 декември 2024

Британската министерка за финансии смета дека работата од дома ја намалува економската продуктивност

Британската министерка за финансии смета дека работата од дома ја намалува економската продуктивност

Ливерпул, 23 септември 2024 (МИА) -  Британската министерка за финансии Рејчел Ривс денеска изјави дека работата од дома ги намалува можностите за зголемување на економската продуктивност, и покрај тоа што мнозинството членови на владата планираат да донесат закони во корист на флексибилното работење и работа од дома.

„Јас сум за тоа да бидеме флексибилни и да се погрижам луѓето да можат да балансираат помеѓу работата и семејниот живот, но мислам дека продуктивноста е поверојатно да се зголеми кога ќе разменувате идеи“, рече Ривс.

Таа истакна дека нејзините соработници имаат корист од работата во канцеларија, наместо да имаат периоди на онлајн состаноци.

Минатата недела британскиот министер за трговија Џонатан Рејнолдс рече дека не му е приоритет да ги држи вработените на истото место, додавајќи дека работодавачите треба да ги оценуваат вработените според резултатите, а не нивното физичко присуство на работното место.

„Ако сакаме да се справиме со ниската продуктивност во Британија, ајде да ги оценуваме луѓето според она што го прават, според нивните резултати, а не според тоа дали седат на маса“, рече тој.

Велика Британија претрпе значително забавување на растот на производство по час за време на глобалната финансиска криза во 2008 година, од која сè уште се опоравува, а која дополнително се влоши со пандемијата на Ковид.

Во јули, новата британска лабуристичка влада објави збир на нови закони кои ќе ја направат флексибилната работа достапна за секого. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан