• вторник, 05 ноември 2024

Бранителот на возачот на автобусот во случајот „Ласкарци“ во завршен збор побара ослободителна пресуда 

Бранителот на возачот на автобусот во случајот „Ласкарци“ во завршен збор побара ослободителна пресуда 

Скопје, 26 декември 2023 (МИА) – Адвокатот Љупчо Мицевски, бранител на обвинетиот Маноил Трифуновски, возачот на автобусот во кој се случи сообраќајната несреќа кај Ласкарци во своите завршни зборови денеска побара ослободителна пресуда. 

Во Основен кривичен суд Скопје, адвокатот Мицевски образложи зошто смета дека обвинетиот Маноил Трифуновски не го сторил делото. 

-Сметам дека нема ниту еден доказ дека возачот Маноил знаел дека овој автобус имал неисправност во системот за кочење и управување и дека знаел дека на двата технички прегледи не била издадена потврда за техничка исправност на овој автобус, рече адвокатот. 

Тој посочи дека возачот последен пат пред несреќата го возел овој автобус пред 80 дена и со тоа, според него, може да се заклучи дека возачот не можел да знае дека кај овој автобус постојат технички неисправности. 

Укажа на тоа дека возачот Маноил не можел да знае за повеќето технички неисправности на автобусот, бидејќи, како што рече, тој не бил задолжен цело време да го вози истиот автобус 

Најголем доказ дека кај возачот немало отсуство на внимание, според адвокатот, е фотографијата од вештачењето која покажува дека воланот по несреќата е најден во позиција свртен на десно, што, како што вели, покажува дека возачот реагирал и се обидувал да ја избегне сообраќајната незгода. 

Адвокатот посочи дека јавниот обвинител не докажал дека обвинетиот го сторил делото што му се става на товар надвор од разумно сомневање и побара ослободителна пресуда. 

Трифуновски, кој во овој процес се бранеше со молчење, се согласи со завршните зборови на неговиот бранител и не додаде ништо. 

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска завршни зборови даде и одбраната на петообвинетиот Јане Боваровски . Според адвокатката Иванка Јакимовска, бранителка на Боварски, во доказната постапка не се утврдил ниту мотивот ниту намерата, а најмалку пак, како што рече, умислата на делата што му се ставаат на товар на петтообвинетиот. 

Завршен збор даде и обвинетиот Јане Боваровски кој рече дека обвинението е напишано без ниеден цврст доказ, како што рече „со натурани ноторни работи ставени на терет без да се докажат“.  

Претходно денеска, одбраната на четвртообвинетиот Горан Дуковски, исто така, даде завршни зборови во кои, адвокатот Сашо Дуковски побара пресуда, со која што четвртообвинетиот ќе се ослободи од обвинение. 

На минатите рочишта, завршни зборови даваше одбраната на првообвинетиот Дурмиш Белули, второобвинетиот Ремзи Мифтари и третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски, кои, исто така, побараа ослободителна пресуда тврдејќи дека не се докажани делата што им се ставаат на товар. 

Јавниот обвинител, Дарко Јакимовски во своите завршни зборови побара најстрога казна за обвинетите за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“. 

Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа. 

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело. 

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години. 

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.  ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан