• недела, 22 декември 2024

Бочварски: Инвестициите во капиталните инфраструктурни проекти се неопходни заради брз развој на земјата

Бочварски: Инвестициите во капиталните инфраструктурни проекти се неопходни заради брз развој на земјата

Крива Паланка, 15 декември 2023 (МИА) – Инвестициите во капиталните инфраструктурни проекти се неопходни заради брз развој на земјата и сметам дека изминативе неколку години нашите активности носат резултати, а тоа се гледа и на терен, рече министерот Благој Бочварски на денешниот настан во Крива Паланка, на кој беше означен почеток на проектот за проширување и рехабилитација на централната градска улица. 

Со колегите Николовски и Бајдевски, додаде, во Крива Паланка извршивме увид во реконструкција на повеќе локални улици, кои се реализираат со поддршка од централната власт. 

-Токму денеска започнуваме со реконструкција на улицата „Јоаким Осоговски“, вкупната инвестиција изнесува над 31 милион денари, средства комплетно обезбедни од буџетот на Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски.

Извршен е вовед во градежните работи, а покрај Бочварски, присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

-Во делот на железничката инфраструктура, активно ја градиме пругата од Куманово до Крива Паланка, каде на првите две фази веќе работиме на терен, инвестиција од преку 200 милиони евра, а до крајот на годината очекувам да се распише и јавен повик за изградба и на третата фаза од тука па се до ГП Деве Баир, најтешката делница од оваа пруга, со што вкупната инвестиција на источниот крак од железничкиот Коридор 8 ќе надмине 700 милиони евра. Ова е се најголемите проекти и инвестиции што се работеле до сега во Крива Паланка и што е уште позначајно многу локални компании и граѓани се ангажирани како логистика во нивната изградба. Уверам дека нашата активност на терен продолжува со силно темпо, во реализација на сите проекти, во сите плански региони низ државата, рече Бочварски најавувајќи дека е распишан и тендерот за реконструкција на двата гранични премини од голема важност на коридор 8, Ќафасан и Деве Баир.

Министерот Николовски рече дека ако Североисточниот регион беше заборавен од минатите влади, сега регионот се развива со големи инвестиции во патната и железничката мрежа, со многу значајни проекти за целата држава. 

-Инвестициите во новите градски улици не се обична инфраструктура, тие се артерии на прогресот, поврзувањето и развојот на градот. Позитивните промени што се случуваат му носат на градот многу поволности кои се отсликуваат со забрзан економски развој, унапредување на туризмот, но и транспортот и движењето на стоки. Остануваме посветени на реализација на нашата идеја за Крива Паланка. Вложуваме и ќе продолжиме уште поактивно да вложуваме во стратешки инвестиции кои значат развој на Крива Паланка, подобар живот за граѓаните и подобар стандард за сите, додаде Николовски.

Проектот за проширување на централната улица во Крива Паланка ќе донесе нов лик на централното градско подрачје, од населба Единство до Соларски Мост со проширување на улицата со трета лента и изградба на кружен тек кај Соларски мост како и значаен придонес кон намалување на сообраќајниот метеж во градот.

Според градоначалникот Митовски, воведот во градежни активности за реконструкција и проширување на централната градска улица е вовед  во нов, современ, урбан, модерен и европски лик на градот.

-Сите треба да сме горди на тоа, да се радуваме дека ова не е ветување , туку реалност, а ние повторно докажуваме како се сака градот, со дела и со срце, со работа, а не со празни зборови. По изградбата токму на оваа улица, следи  решавање на уште еден горлив проблем на градот, а тоа е ставање крај на недостигот од паркинг места, на што продолжуваме активно да  работиме со подготовка на проектно-техничка документација за челична монтажна-демонтажна катна гаража и воведување зонско паркирање во центарот на градот, за што сме навистина подготвени, рече Митовски. 

Сето ова, посочи, значи исполнување на уште едно од клучните програмски ветувања од изборната кампања, но пред се, затворање на едно прашање што не мачи сите нас. 

-Овој проект е влог во урбана и модерна и урбана Крива Паланка и е само уште еден во низата проекти со кои во месеците пред нас инвестираме импозантна сума за инфраструктура  и разубавување на центарот на градот. Таа сума надминува 80 милиони денари заедно со овој проект и проектите за реконструкција на сите пет моста на Крива Река, за што имаме одобрени вкупно 40.600.000 денари од Владата како и од ТАВ програмата и Министерството за транспорт и врски, истакна Митовски.

По настанот увид во финалните активности на терен беше извршен во населбата Илинден, каде со 15 милиони денари се асфалтираат шест улици, преку Светска банка и Министерството за транспорт и врски. Се очекува проектот за подобри услови за жителите на населбата да биде целосно завршен до крајот на месецот.ид/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан