• понеделник, 23 декември 2024

Божиновска: Целосната гасификација на државата претставува столб во стратегијата за енергетска транзиција

Божиновска: Целосната гасификација на државата претставува столб во стратегијата за енергетска транзиција

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Енергетската транзиција е приоритет за Владата, а целосната гасификација на државата претставува столб во стратегијата за енергетска транзиција, порача министерката за енергетика, минерални суровини и рударство, Сања Божиновска, во обраќање на панел на настанот за презентација на резултатите од мониторирањето на квалитетот на воздухот во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Настанот, претставува значаен чекор кон заедничките напори за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина во земјава.

-Декарбонизацијата и диверзификацијата на обновливите извори се клучни цели во процесот на зелена транзиција. Во оваа насока, продолжуваме да ги прошируваме капацитетите за обновлива енергија, преку инвестиции во фотонапонски електрани и ветерни паркови. Исто така, Министерството развива политики за искористување на други извори на енергија, како биомаса, биогас и геотермална енергија, со цел да ја искористиме целосната енергетска потенцијалност на нашата земја, рече Божиновска.

Таа истакна дека целосната гасификација на државата претставува столб во стратегијата за енергетска транзиција. 

-Гасификацијата ќе овозможи значителни придобивки за општините во однос на намалувањето на загадувањето на воздухот и ќе овозможи изградба на когенеративни електрани, кои ќе бидат носечки извори на базна енергија во наредните децении. Преку гасни интерконектори со Грција, Србија и Косово, Македонија ќе го зајакне својот енергетски капацитет и ќе ја зајакне својата позиција во Југоисточна Европа, придвижувајќи се кон целосна енергетска независност, посочи Божиновска.вј/аа/

Фото: Министерство за за енергетика, минерални суровини и рударство

 

Остани поврзан