Божиновска: Советување на МАКО СИГРЕ - соработка, идеи и иновации за иднината на енергетиката
- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како претседател на Почесниот одбор денеска го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Скопје, 6 октомври 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како претседател на Почесниот одбор денеска го отвори 13. Советување на МАКО СИГРЕ, клучен настан за електроенергетскиот сектор во земјава, кој го собира академскиот и индустрискиот кадар за размена на идеи, иновации и практични решенија.
Во своето обраќање, министерката нагласи дека советувањето е место каде се дебатираат најновите реформи и достигнувања во енергетиката. Трудот, креативноста и посветеноста на инженерите се вистинската движечка сила на напредокот во секторот.
Божиновска посочи дека, и покрај растечката улога на вештачката интелигенција во анализи и симулации, ништо не може да го замени човечкиот потенцијал и знаењето на професионалците.
-AI може да помага, но не може да го замени креативниот ум, искуството и страста на инженерите кои го обликуваат секој аспект од енергетскиот сектор, нагласи Божиновска.

Посебен акцент беше ставен на младите инженери и студенти, како иднина на секторот. -Вашата енергија и ангажман се основа на долгорочниот развој на енергетиката, истакна Божиновска.
Министерката ги потврди приоритетите на Министерството: обезбедување енергетска стабилност и сигурност; зголемување на уделот на обновливи извори како сонце, ветер и геотермална енергија; модернизација на мрежната инфраструктура со дигитални и паметни системи; поддршка за инвестиции преку предвидлива регулатива и јавни-приватни партнерства; развој на човечки капитал преку образование и стручни обуки; и засилена регионална и меѓународна соработка.
-Во време на темелни промени – декарбонизација, дигитализација, децентрализација и интеграција на пазари вакви форуми се од непроценлива важност. Нека ова советување биде почеток на нови иницијативи, засилени проекти и трајна координација меѓу сите чинители, наведе Божиновска во своето обраќање пред учесниците.
На настанот учествуваат експерти од индустријата, академијата и младите инженери, а Министерството ќе продолжи да обезбедува поддршка и дијалог со сите чинители во секторот. вј/дма/
Фото: МЕРМС