• петок, 05 декември 2025

Божиновска: Признание за рударите, нема компромис со законот, државата стои зад сите што чесно работат

Божиновска: Признание за рударите, нема компромис со законот, државата стои зад сите што чесно работат

Скопје, 27 август 2025 (МИА) -  Тринаесет рудари од рудниците во државава денеска беа одликувани со признанија за својата пожртвувана работа, во рамки на свеченоста што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја организираше по повод Денот на рударите. 

Меѓу нив е и Страшо Маневски од РЕК Битола, со речиси четири децении искуство, кој започнал како сменски инженер, а долгогодишно работел и како технички директор. Признание доби и Златко Пажески од рудникот „Сивец“ во Прилеп, кој, информира ресорното Министерство, секојдневно со гордост и посветеност влегува во јамата и во најтешки услови. Тука се и Драгољуб Димитровски од Тораница, Дарко Величковски од САСА, Тони Ѓоргиев од Боров Дол, Шериф Алиу од Гостивар, Аце Маневски од УСЈЕ, Зоран Стојчев од Гранит, Бранко Ѓорѓиев од СОПОТ, Сашо Гиланов од Суводол и други – сите тие, со својата работа и искуство, се симбол на чесност, труд и издржливост.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во обраќање на свеченоста порача дека рударите се темелот на економијата и незаменлива сила без која нема развој и енергетска стабилност.

– Вашата работа е животна мисија, а не само професија. Затоа државата има должност да ви обезбеди подобри услови, поголема безбедност и современа опрема. Но и да покаже јасна решеност дека во рударството нема компромис со законот, истакна министерката Божиновска.

Посочи дека Министерството во изминатиот период ги засилило инспекциските контроли и теренските посети, а само во последните години биле одземени 45 концесии поради непочитување на правилата.

– Државата ќе ги поддржи сите компании кои инвестираат во безбедноста на рударите, се грижат за животната средина и за локалните заедници. Но, за оние што мислат дека Македонија е место каде правилата не важат, имам јасна порака: времето на компромиси заврши. Законот важи за сите – без исклучок, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини.

Со свеченоста, потенцираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е оддаено признание на рударите за нивниот труд и пожртвуваност и е испратена порака дека рударството ќе остане силен и одржлив столб на македонската економија – со врвен приоритет секој рудар да биде безбеден и горд кога се враќа дома.

Во продлжение Листа на рудари – добитници на признание:

Дејан Тоневски – БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, Рудник Злетово
Драгољуб Димитровски – БУЛМАК 2016 ДООЕЛ, Рудник Тораница
Златко Пажески – Мермерен комбинат АД, Рудник „Сивец“ Прилеп
Дарко Велиновски – Рудник за олово и цинк САСА ДООЕЛ, Македонска Каменица
Тони Ѓоргиев – Боров Дол ДООЕЛ, Радовиш
Гелберим Думани – Кнауф – Радика АД, Дебар
Шериф Алиу – Ел Транс ДООЕЛ, Гостивар
Аце Маневски – Цементарница УСЈЕ АД, Скопје
Зоран Стојчев – Градежно друштво ГРАНИТ АД, Скопје
Бранко Ѓоргиев – СОПОТ ДОО, Скопје
Сашо Тренчески – ФИМАР БАЛКАН АД, Скопје
Сашо Гиланов – Електрани на Северна Македонија, Рудник Суводол
Страшо Маневски – Електрани на Северна Македонија, Рудник Брод Гнеотино (рудaр со речиси четири децении искуство, ПЕ Рудници Битола).лв/вг/
 

фото: Министерство за енергетика 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан