Божиновска: Го заштитуваме македонскиот рубин – време е да ја промовираме магијата на нашето минерално богатство
- Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство, истакнала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Скопје, 12 јули 2025 (МИА) - Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство, истакнала министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, за време на посетата на малата галерија „Откритие“ во Скопје, која под водство на невладина организација се посветила на зачувување, документирање и промовирање на богатото минерално наследство на Република Македонија.

Во рамки на посетата, Божиновска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека е време не само ентузијасти, поединци и невладини организации да го промовираат овој уникатен камен, туку и државните институции активно да се вклучат.
Министерството, како што е наведено во соопштението, веќе работи на координирање на сите релевантни институции – заедно со Геолошкиот завод на Македонија – со цел македонскиот рубин да добие официјален статус на заштитено национално минерално наследство.
- Посетата беше збогатена со присуството на амбасадорот на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, како и на Грегоар Егороф, претставник на Националниот музеј за природни науки во Париз. Егороф на галеријата и донесе ретки примероци на камења и минерали од Франција – меѓу кои и каменот со кој се изградени катедралата Нотр Дам и Елисејската палата – а како автор на книга за минералите на Европа, најави дека размислува во следното издание да го вклучи и македонскиот рубин, се вели во соопштението.

На настанот присуствувал и директорот на Геолошкиот завод Ивица Андов, кој дал стручна поддршка за иницијативата и ја нагласи научната вредност на рубинот.
-Посебен впечаток остави долгодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој детално ја раскажа историјата на секој примерок и ја претстави изработката на уметнички клуч во кој се вградени македонски рубин, амазонит и сите други минерали од нашето тло. На прашањето на амбасадорот Ле Риголер што симболично „отвора“ овој клуч, одговорот беше: „Срцето на македонскиот народ, а ако сакаме – и тајните на нашата преубава земја“, се наведува во соопштението.

Македонскиот рубин, познат и како корунд со карактеристична црвена боја, е геолошки уникатен: се наоѓа единствено во околината на Прилеп и во планините околу Мариово и е единствен рубин во Европа кој природно се вади и обработува. Освен естетската и колекционерска вредност, тој е дел од културното и историското наследство на нашата земја.
Министерката Божиновска порачала дека ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост. дма/сст/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини