• петок, 05 декември 2025

Битиќи: Работниците и пензионери не се виновни за поскапувањата

Битиќи: Работниците и пензионери не се виновни за поскапувањата

Скопје, 12 август 2025

Во време кога цените на основните производи и трошоците за живот незапирливо растат, премиерот Христијан Мицкоски ја пласира тезата дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии. Тоа не е вистина. Тоа е маневар со кој вината за економската состојба се префрла врз работниците и пензионерите, а не  врз вистинските причини,  истакна на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, што МИА ја пренесува интегрално.

Податоците го потврдуваат ова.

Ако ги погледнеме последните статистички податоци за споредба на просечната плата и потрошувачката кошница, ќе видиме дека трошоците растат двојно побрзо од растот на палтата. Вредноста на синдикалната потрошувачка кошница порасна од 61.855 денари во март на 63.908,00 денари во мај, односно за три месеци имаме зголемување од 2.053 денари. Во истиот период, просечната нето-плата се зголеми од 44.763 денари на 45.796 денари, односно за три месеци се зголеми за 1.033 денари. 

Ако се погледнат и најновите бројки, разликата е уште поочигледна. Во јуни кошницата достигна 64.698 денари, а во јули 65.328 денари, што значи дополнителен раст од 1.420 денари за само два месеци. За истиот период нема податоци за просечната плата, но трендот од претходните месеци јасно покажува дека зголемувањето на платите е далеку побавно од растот на трошоците. Реалната куповна моќ на граѓаните паѓа. Тврдењето дека платите ја туркаат инфлацијата е економски неодржливо.

Премиерот зборува и за пензиите како причина за поскапувањата, но фактите го демантираат. Во март имаше еднократно, линеарно зголемување од 2.500 денари. Но тоа не стана тренд. Во април просечната пензија падна на 26.163 денари, во мај беше 26.157, а во јуни едвај се врати на 26.207 денари. Пензионерите и понатаму живеат на граница на егзистенција. Нивните примања едвај ги покриваат основните трошоци. Обвинувањето дека тие ја предизвикуваат инфлацијата е економски и морално погрешно.

Почитувани,

Јазот меѓу приходите и трошоците уште повеќе се потврдува кога ќе се погледнат и другите ценовни индикатори.

Индексот на трошоци на живот во јули е за 4,8% повисок од истиот месец лани, а индексот на цени на мало за 5,3%. Само еден месец претходно, овие стапки беа пониски, односно изнесуваа 4,5% и 3,7%, што значи дека цените забрзуваат, а тоа се случува без раст на примањата.

Трендот на забрзување на цените уште појасно се гледа кај основните земјоделски производи, каде поскапувањата се најизразени и имаат директно влијание врз животниот стандард.

Во јуни, цените на растителното производство се зголемени за 22,2%, а на добиточното за 6,9%. Кај одделни производи, растот е уште подраматичен, компирот е поскап за 56,7%, житата и оризот за 25,5%, зеленчукот за 23,9%, а овошјето и грозјето за 15,4%.

Овие бројки се далеку од ефект на зголемени плати и пензии ,тие се резултат на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и спекулативно формирање на цените.

Владата се потпира на импровизација и пропаганда. Наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, кој може да намали цени и до 30% преку санкционирање на неправедните профити, таа води политички маркетинг.

Состојбата во индустријата дополнително го потврдува ова, во јуни тоа пораснало само за 0,5%,  односно економијата не е „прегреана“ од побарувачка.

Во енергетиката, зависноста од увоз дополнително влијае на цените. Во мај увозот на електрична енергија се зголемил за 25,9%, а извозот за 11,1%. Ова покажува дека енергетските фактори се меѓу причините кои придонесуваат за растот на цените, а не зголемувањето на платите и пензиите.

Минималната плата од март е 24.379 денари, утврдена еднострано, без синдикати и без социјален дијалог. Зголемувањето од 1.800 денари беше донесено како политичка одлука, а не како дел од сеопфатна стратегија за подобрување на животниот стандард. Денес, за да се покрие синдикалната кошница од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати. Двајца вработени со минимална плата во едно семејство  и пак ќе немаат доволно за месечните трошоци.

Почитувани,

Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра.

Обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен. Македонија заслужува економија што ќе работи за своите граѓани, што ќе обезбедува стабилни цени, фер пазар и заштита на животниот стандард, а не изговори за сопствената неспособност.

 

Битиќи: Урнат е стандардот на граѓаните, за синдикалната кошница во јули потребни се речиси 2,7 минимални плати

-Вредноста на синдикалната потрошувачка кошница порасна од 61.855 денари во март на 63.908 денари во мај, а потоа во јуни достигна 64.698 денари и во јули нов рекорд 65.328 денари. Тоа е зголемување од 3.473 денари за само четири месеци, или повеќе од една и пол минимална плата. Во исто време, просечната нето-плата се зголеми од 44.763 денари во март на 45.796 денари во мај, зголемување од само 1.033 денари за три месеци. Јазот меѓу приходите и трошоците драматично се продлабочува, изјави пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната прес конференција на партијата.

Тој додаде дека оваа состојба директно го урива животниот стандард на граѓаните:  „Двајца вработени со минимална плата од 24.379 денари во едно семејство, и пак нема да имаат доволно средства за месечните трошоци. Денес, за да се покрие синдикалната кошница од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати. Тоа значи дека дури и семејства со двајца вработени не можат да обезбедат пристоен живот.“

Битиќи предупреди дека без реален раст на приходите, куповната моќ на граѓаните ќе продолжи да паѓа, а економската несигурност да расте.

 

Битиќи: Најмногу се поскапени земјоделските производи - директен удар врз стандардот на граѓаните

 

„Во јуни цените на растителното производство се зголемени за 22,2%, а на добиточното за 6,9%. Но, ако се погледнат поединечните категории, поскапувањата се уште подраматични. Компирот е поскап за 56,7% во однос на лани, житата и оризот за 25,5%, зеленчукот за 23,9%, а овошјето и грозјето за 15,4%“, изјави пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на денешната прес конференција на партијата.

Тој нагласи дека овие поскапувања се директен удар врз животниот стандард на граѓаните:

„Овие бројки не се резултат на раст на платите или пензиите, туку на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и шпекулативно формирање на цените. Кога основните прехранбени производи, кои секое семејство ги купува секојдневно, поскапуваат со двоцифрени стапки, тоа значи дека секоја недела и секој месец граѓаните можат да си дозволат сè помалку. 

Битиќи потсети и на најновите ценовни индикатори кои јасно укажуваат дека граѓаните имаат се помалку пари а платите стагнираат:
„Индексот на трошоци на живот во јули е за 4,8% повисок од истиот месец лани, а индексот на цени на мало за 5,3%. Само еден месец претходно овие стапки изнесуваа 4,5% и 3,7%. Тоа значи дека цените забрзуваат, а примањата стагнираат – што е најлоша можна комбинација за стандардот.“

Линк до видео: https://youtu.be/XWt5Ix5DJ9s


 

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Остани поврзан