• недела, 17 ноември 2024

Битиќи: Договорот за минимална плата од 18.000 денари е солидно решение со кое им излегуваме во пресрет и на работниците и на стопанството

Битиќи: Договорот за минимална плата од 18.000 денари е солидно решение со кое им излегуваме во пресрет и на работниците и на стопанството
Скопје, 7 февруари 2022 (МИА) - Ова е солидарно решение со кое им се излегува пресрет и на граѓаните и на стопанството. Важно ни е да имаме задоволни работници, кои ќе ги задржиме тука, дома, но и здраво стопанство кое може да понесе напред, кон развој, напиша вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на Фејсбук по постигнување на договорот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари.
- Дијалогот вроди со плод. Од март, околу 80.000 мои, ваши сограѓани ќе добијат минимална плата од 18.000 денари. 13 проценти од вработените во нашата земја земаат минимална плата, со ова покачување им помагаме да се извлечат од прагот на сиромаштија. Европскиот стандард на луѓе кои примаат минимална плата е 3 проценти од вкупниот број на вработени, и кон тој стандард треба да се приближуваме и да работиме, напиша Битиќи.
Со ова покачување, како што посочува вицепремиерот, уделот на минималната плата во просечната плата е 62 проценти, што е највисок просек во Европа и поголем од барањето на синдикатите.
- Во март, граѓаните ќе добијат минимална плата од 18.000 денари. Како што ветивме. Владата ќе ги субвенционира придонесите од разликата од покачувањето, до крајот на годината, а по дејности над 90 проценти од оние кои ќе бидат поддржани се микро и мали компании, вели Битиќи.
Во фејсбук статусот, вицепремиерот ја појаснува и новата методологија врз основа на која ќе се прави годишното усогласување на минималната плата.
- Веќе кажавме дека старата методологија за усогласување не ги носи очекуваните резултати и на денешниот состанок предложуваме нова, со која минималната плата ќе се формира како 50 проценти од порастот на на просечната плата и 50 проценти од процентот на индексот на живот, со дополнителен услов, уделот на минималната во просечната плата задолжително да биде над 57 проценти што ќе обезбедува достоинствено и одржливо покачување на стандардот на долг рок, вели Битиќи.
Вечерва, по неколкучасовни преговори трите социјални партнери (Владата, синдикатите и работодавачите) постигнаа договор минималната плата да се зголеми на 18.000 денари од сегашните 15.200 денари. бак/сп/

Остани поврзан