• недела, 22 декември 2024

Бир ја покани Кина да започне дијалог со Тајван

Бир ја покани Кина да започне дијалог со Тајван

Брисел, 20 јули 2022 (МИА) - Потпретседателката на Европскиот парламент (ЕП) Никола Бир ја повика Кина да започне „дијалог заснован на почитување“ со Тајван, по денешната средба со Цаи Инг- вен, лидерот на самоуправниот остров што Кина го смета за своја територија.

Бир рече дека Тајван е важен „на глобално ниво“ и ја повика Европската унија да го зголеми своето дипломатско присуство во Тајпеј и на Тајван да му биде дозволено да учествува на собранието на Светската здравствена организација.

Таа додаде дека Пекинг треба „да се воздржи од заканувачки гестови“ и дека „Тајван заслужува целосно да ја игра улогата на глобален, стратешки, одговорен и доверлив меѓународен партнер“.

„Само тајванскиот народ може да донесе одлука за иднината на Тајван“, рече Бир.

Цаи го поздрави зајакнувањето на економските односи на нејзината земја со ЕУ и усвојувањето на 20 резолуции во корист на Тајпеј во ЕП од почетокот на 2021 година.

Посетата на потпретседателката на ЕП на Тајван е најновата во низата активни потези на европските и американските политичари да се спротивстават на притисокот на Кина и нејзините обиди дипломатски да го изолира Тајван. паг/

Тагови

Остани поврзан