Бесплатни контролни гинеколошки прегледи во мобилната амбуланта во Липково
- Над 60-тина жени од општина Липково извршиле превентивни прегледи во гинеколошката мобилна амбуланта во село Липково, соопштија денеска надлежните од мобилната амбуланта.

Куманово, 23 март 2022 (МИА) - Над 60-тина жени од општина Липково извршиле превентивни прегледи во гинеколошката мобилна амбуланта во село Липково, соопштија денеска надлежните од мобилната амбуланта.
Пациентките од руралните средини добија бесплатен преглед и совети од лекарите. Мобилната гинеколошка клиника нуди прегледи за рано откривање на ракот на грлото на матката. Целта на мобилните амбуланти е да се зголеми бројот на жени и девојки кои ќе направат бесплатен ПАП тест, да се зголеми инклузивноста на женската популација кои живеат во рурални и оддалечени места и да се подигне свеста за важноста од редовни контроли.

Прегледите ги спроведуваат гинеколозите од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и болниците во државата. Работата на мобилните амбуланти е овозможена со поддршка на Министерството за здравство, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари – МАГО, Македонското лекарско друштво, Црвениот крст и УНФПА – Фондот за население на Обединетите нации.
- Секако дека има голем интерес, бидејќи се дава многу полесен пристап на самите пациентки-жените, да дојдат да се прегледаат, да се советуваат. Денеска веќе имавме десетина прегледи од утринава, овозможен е целосен преглед, ПАП тест, се целосен рутински преглед и доколку постои некоја индикација да се препрати на соодветно место, изјави д-р д-р Димитар Калчовски од Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство.
