• понеделник, 23 декември 2024

Бесими - Хан: Направени се суштински реформи во управувањето со јавните финансии, побарана макрофинансиска поддршка од ЕК

Бесими - Хан: Направени се суштински реформи во управувањето со јавните финансии, побарана макрофинансиска поддршка од ЕК
Брисел, 26 октомври 2022 (МИА) - Република Северна Македонија му припаѓа на европското семејство и секогаш може да смета на поддршката од Европската Унија. ЕУ е наш значаен партнер во спроведување на реформите на патот кон целосна евроинтеграција, во реализацијата на значајни и приоритетни проекти, но секако значајна улога има и во поддршка на политиките и мерките што ги спроведува Владата во справување на кризата. Ова е истакнато на денешната средба помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими со еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан во Брисел. На средбата, како што соопшти Министерството за финансии, Бесими ги посочи напорите кои Владата ги вложува за истовремено да одговори на предизвиците што произлегуваат од кризата и да продолжи со политиките кои ќе донесат забрзан економски раст. Беше истакнато и носењето на новиот Закон за буџети, кој треба да донесе суштински промени во управувањето со јавните финансии, како и континуираните напори на Министерстсвото за финансии за јакнење на фискалната транспарентност, како и доброто менаџирање во подготовката на Програмата за економски реформи, кој е суштински документ во пристапниот процес. Министерството за финансии упати барање до ЕК за макро финансиска поддршка, за што на средбата беше даден јасен сигнал дека земјата може, како и во ковид-кризата, да смета на поддршката од овој инструмент. -Нашата земја веќе трета година, како и целиот свет, е во криза. По двегодишната ковид-криза, се надоврза енергетската и ценовната криза. Беа донесени пакети мерки од 1,1 милијарда евра за поддршка на населението и бизнисот во ковид-кризата, како и два пакети од 750 милиони евра за амортизирање на ударот од актуелната криза. Дополнително од буџетот за да се обезбеди субвенционирана цена за снабдување со електрична енергија на граѓаните и околу 70 илјади компании на регулираниот пазар се пласирани директно во ЕСМ 240 милиони евра за производство на електрична енергија и за обезбедување топлинска енергија. Со тоа поддршката кон населението и стопанството достигнува 1 милијарда евра. Тоа е значителен притисок врз буџетот и јавниот долг, но значајно е дека политиките што ги спроведуваме беа препознаени од меѓународните финансиски инститиуции и успеавме да го обезбедиме финансирањето и да го затвориме со најнизок можен трошок, рече министерот Бесими. На средбата министерот Бесими и еврокомесарот Хан се осврнаа на активностите што се одвиваат во рамки на пристапниот процес на земјава  во ЕУ по одржувањето на Првата меѓувладина конференција и почнатиот скрининг процес, како и на спроведување на препораките нотирани во Извештајот за напредокот на РС Македонија за 2022 година, се вели во соопштението од Министерството за финансии.са/цр/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан