• недела, 22 декември 2024

Бербок ќе пристигне во Дакар во дводневна посета на Сенегал и Брегот на Слоновата Коска

Бербок ќе пристигне во Дакар во дводневна посета на Сенегал и Брегот на Слоновата Коска

Берлин, 15 јули 2024 (МИА) - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, која денеска ќе ја посети Западна Африка, се надева дека ќе ја прошири соработката со Сенегал и Брегот на Слоновата Коска за да се спречи ширењето на нестабилноста што моментално го тресе Сахел во остатокот од регионот, јави ДПА.

-Ако повеќе земји во Западна Африка паднат во нестабилност, тоа не само што ќе има драматични последици за локалното население, туку и директно влијание врз нашата безбедност во Европа, рече таа пред почетокот на нејзината дводневна посета на регионот.

Бербок го посочи Сенегал како важен посредник во регионот.

Сенегал и Брегот на Слоновата Коска, кои се меѓу ретките преостанати демократии во Западна Африка, се сметаат за два од најважните партнери на Европа во време кога сè повеќе земји во регионот се свртуваат кон Русија, забележа ДПА.

Посетата на Бербок доаѓа во време на бранот нестабилност во Сахел, кој некои набљудувачи го нарекуваат Појас за пуч, по воените бунтови во Мали, Чад, Гвинеја, Судан, Буркина Фасо, Нигер и Габон од 2020 година.

Додека многу од новите воени влади ги прекинаа односите со Европската унија, се повлекоа од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) и бараа поддршка од руските сили, Сенегал и Брегот на Слоновата Коска ги задржаа своите односи со Западот.

Жителите на двете крајбрежни земји, како и на „другите земји што се граничат со регионот Сахел, живеат под постојана закана дека теророт и насилството од соседните земји ќе проникнат во нивните општества.

За време на посетата, германската министерка ќе се сретне со својот сенегалски колега Јасин Фал и со новоизбраниот претседател Басиру Диомаје Фаје во главниот град Дакар. Миграцијата и обновливите извори на енергија најверојатно ќе бидат две од главните теми на разговор, а германските бизнис претставници ќе ја придружуваат Бербок за време на посетата, забележа ДПА. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан