• понеделник, 23 декември 2024

„Бела ноќ“ во Скопската градска библиотека

„Бела ноќ“ во Скопската градска библиотека
Скопје, 1 октомври 2022 (МИА) - Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје во рамки на годинешната скопска „Бела ноќ“, денеска напладне во библиотеката „Другарче“ ќе одржи работилница за деца од три до седум години, која ќе ја водат писателките Ана Голејшка Џикова и Ангела Георгиевска. Во исто време, како што е најавено, во „Паркот на поезијата“ во Централната библиотека ќе се одржи Клубот на читатели за романот „Сфинга на гневот“ од Жарко Кјунџиски. - Насловот беше предлог-книга за месец септември, кога ја започнавме големата кампања „Читаме современи македонски автори“. Клубот на читатели ќе го води Денис Бојаров, а идејата е на неформален начин на едно место да се соберат оние кои ја прочитале „Сфингата“, но и оние кои планираат да го направат тоа и низ разговор да отворат интересни прашања за делото. „Клубот на читатели“ е планирано да прерасне во традиционална средба со која ќе се заокружува секој месец од кампањата „Читаме современи македонски автори“, соопштија од градската библиотека. Исто така, вечер во „Паркот на поезијата“ следува поетско читање, на кое ќе настапат Владимир Лукаш, Катерина Гогова, Митко Апостолов, Д.А.Лори, Андреј Ал-Асади, Софија Тодоровска, Диме Данов. Модератор на настанот е поетесата Биљана Стојановска. - Библиотеката е средиште на културата и меморијата, но и на актуелните случувања за кои ги отвораме своите врати, истакнаа од тимот на Библиотеката. бт/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан