• понеделник, 25 ноември 2024

Ахмети: ДУИ освои над 100 илјади гласови и 12 мандати

Ахмети: ДУИ освои над 100 илјади гласови и 12 мандати
Тетово, 16 јули 2020 (МИА) - Претседателот на ДУИ, Али Ахмети прогласи победа на неговата партија во албанскиот блок, оценувајќи дека се обезбедени над 100 илјади гласови и 12 пратенички мандати. - Орелот се врати. Оваа победа на ДУИ е победа на Албанците и со таа победа нема да изгуби ниту еден Албанец. Ние се докажавме дека сме најуспешните во сите сфери и така ќе биде и понатаму. Албанците нема да бидат разочарани од нас. Ние обезбедивме над 100 илјади гласови, 12 мандати, а се очекува уште еден 13-ти. Благодарен сум што имав можност да ја соопштам оваа најдобра вест за Албанците и апсолутна победа, истакна Али Ахмети пред партиското седиште на ДУИ во Мала Речица. Според него, ДУИ има најдобри резултати во изборните единици 1, 2, 5 и 6. Кандидатот за премиер од редовите на ДУИ, Насер Зибери пред новинарите во седиштето на партија изјави дека бележат убедлива победа во многу места низ државата. - Резултатите, неофицијални прелиминарни се разбира, говорат за убедлива победа во речиси сите населени места од најјужните од Ресен, Битола, Струга и Дебар, завршувајќи со Лојане на север. Чекаме официјални од ДИК и тие резултати да се претворат во мандати, зошто мандатите ќе се утврдуваат на основа на степенот на гласање, истакна Зибери. Тој рече дека не сака да шпекулира со бројките на мандатите, со оглед дека и ДИК има проблеми околу објавување на информации. Воедно не сакаше да процени колку е прифатлива понудата на ДУИ за коалицирање кај другите партии од албанскиот блок. - Не можам да шпекулирам каков ќе биде ставот на другите политички партии, нашиот став е јасен ние сакаме да градиме едно општество за сите, а јас сметам дека сум соодветната личност за тоа за тоа општество каде секој граѓанин ќе има еднакви можности за напредок и општество во кое секој ќе се чувствува како во своја куќа, порачи Зибери. ас/сп/

Остани поврзан