• понеделник, 23 декември 2024

АХВ: Во одгледувалиште во кумановското село Тромеѓа регистрирана африканска чума, воспоставена заштитна и зона под надзор

АХВ: Во одгледувалиште во кумановското село Тромеѓа регистрирана африканска чума, воспоставена заштитна и зона под надзор

Куманово, 5 јануари 2024 (МИА) - Во Кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи, потврдија денеска надлежните од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во одгледувалиште во село Тромеѓа во лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје е потврдено присуство на болеста африканска чума кај свињите.

Од АХВ велат дека засега состојбата е стабилна. На фармата со 600 животни од различни категории, угинати се 60 свињи и во моментот се спроведуваат мерки за депопулација. Од Агенцијата велат во засегнатите подрачја воспоставени се заштитна и зона под надзор.

Заштитна зона е во радиус од три километри околу жариште село Тромеѓа и населба Карпош во Општина Куманово. Таму се преземаат повеќе мерки, одземање, убивање и нештетно отстранување на свињите кои се наоѓаат во одгледувалиштата каде е потврдена болеста, како и во сите контактни одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болеста. Објектите и просториите се дезинфицираат и чистат, се спроведува епидемиолошко испитување, попис, прегледи, се регистрираат животните, се преземаат биосигурносни мерки. Евидентирање на сите нерегистрирани одгледувалишта и нивна категоризација во однос на степенот на спроведување на биосигурносните мерки. Депопулација на сите нерегистрирани одгледувалишта категоризирани со висок ризик со колење за економско искористување на месото од закланите свињи. 

-Во некомерцијалните одгледувалишта колењето може да се изврши во домашни услови за сопствени потреби, единствено во присуство и под надзор на доктор по ветеринарна медицина од надлежно ветеринарно друштво со земање на мостри за лабораториско испитување. Во комерцијалните одгледувалишта со висок ризик колењето се врши во кланица со земање на мостри, месото задолжително подлежи на еден од третманите за намалување на ризикот за ширење на болеста. По исклучок, депопулација на животните кои не можат да бидат заклани поради нивната благосостојба или неможност месото економски да се искористи се врши со евтаназија и нештетно отстранување на труповите, велат од АХВ.

Превозот на животите се забранува од зона во зона. Од ЈП „Пазаришта Куманово“ потврдија дека добиточниот пазар е затворен.

-На 27 декември лани, добивме решение од Агенцијата за храна и ветеринарство да се затвори добиточниот пазар поради појава на африканска чума кај свињите, изјави директорот на ЈП, Гзим Кадриу.

Зоната под надзор е во радиус од десет километри околу потврденото жариште која ги вклучува Карабичане, Табановце, Четирице, Горно Коњаре, Долно Коњаре, Речица, Режановце, Лопате, Бедиње, Клечовце, Проевце, Љубодраг, Шупљи Камен, Черкези, Зубовце, Романовце, Бељановце, Доброшане и градот Куманово во Општина Куманово, Старо Нагоричане, Младо Нагоричане и Никуљане во општина Старо Нагоричане, Ваксинце и Опае во Општина Липково.

Таму се спроведуваат биосигурносни мерки во сите одгледувалишта во рок од 15 дена и ќе се спроведе депопулација на нерегистрираните одгледувалишта категоризирани со висок ризик со колење за економско искористување на месото од закланите свињи. Слични мерки важат како и за заштитната зона во однос на колење за сопствени и комерцијални потреби. Строги контроли има за чување свињи на отворено. Ловџиите кои имале контакт со диви не смеат да имаат контакт со домашни свињи. Фармерите да пријават доколу забележат симптоми.

-Свињите кои ќе бидат затекнати во промет без здравствен сертификат и без идентификација ќе бидат одземени и нештетно уништени на товар на сопственикот. На целата територија на државава ќе се спроведува и мерката на депопулација на сите нерегистрирани одгледувалишта со висок ризик во однос на спроведувањето на биосигурносните мерки. Свежото месо кое потекнува од одобрени објекти кои се наоѓаат во зоните под ограничување може да се пушти во промет на целата територија на земјава само ако потекнуваат од свињи по потекло од одгледувалишта надвор од зоните на ограничување, а термички третираните производи се пуштат во промет на целата територија на државава без оглед дали потекнуваат од свињи од зоните под ограничување, велат од АХВ.

Фармерите ќе бидат обештетени согласно Законот за ветеринарно здравство и Упатсвото за определување на пазарна вредност на животните кои се одземаат заради сузбивање и искоренување на заразни болести на територијата на Република Северна Македонија зависно од категоријата на животните, но не и оние кои немаат доказ за потекло на животните.

-Во услови на појава на болест како што е африканската чума кај свињите, неминовно е одговорно однесување и од страна на сточарите и локалните самоуправи. Локалната самоуправа (општината) има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску до жариштето, во која ќе бидат закопани еутаназираните животни кои до таму се носат под надзор на официјален ветеринар. Потсетуваме дека во услови на епидемија или добиточна болест, согласно со член 222 од Кривичниот законик, непостапувањето по одлука на надлежен орган со која се определуваат мерки за отстранување или спречување болест е кривично дело за која е предвидена парична казна или затвор до три години. Законот предвидува и повисоки казни за ова дело доколку поради делото настапи значителна штета, појаснуваат од АХВ.

И лани во Кумановско имаше појава на африканска чума. Производителите од повеќе села протестираа во неколку наврати, ги затвораа патните правци. Следуваа средби со надлежни, состојбата се стабилизираше во мај, кога беше отворен и добиточниот пазар. ам/вј/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан