• понеделник, 23 декември 2024

АСО: Осигуреници наплатија 16 милиони евра, бројот на исплатени штети порасна за 30 отсто

АСО: Осигуреници наплатија 16 милиони евра, бројот на исплатени штети порасна за 30 отсто
Скопје, 9 јуни 2022 (МИА) - Единаесет осигурителни компании за неживотно осигурување исплатија 978 милиони денари или 15,9 милиони евра за настанати штети на свои осигуреници во првите три месеци годинава. Во првите 90 дена од годинава осигурителните компании исплатиле речиси 23.000 штети на осигуреници и тоа е 30 отсто повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Според податоците, вредноста на сите исплатените штети за неживотно осигурување во периодот јануари – март годинава е за 6 отсто повисока во однос на истиот период лани. -Најголемо учество во структурата на исплатените штети има најголемата осигурителна класа – задолжителната автомобилска одговорност (ЗАО) која е обрврзувачка со закон. Вредноста на исплатените штети за ЗАО изнесува 473 милиони денари, односно 7,7 милиони евра и тоа е 48 отсто од вредноста на сите штети платени во овој период. Во споредба со истиот период лани вредноста на исплатените штети е зголемена за 4 отсто, соопшти АСО. Најголем раст на вредноста на исплатените штети, се вели во соопштението, има кај приватното здравствено осигурување. -Осигурениците наплатија 84,5 милиони денари или 1,4 милиони евра трошоци за медицински прегледи и лекување за период од три месеци. Тоа е за 94 отсто (690.000 евра) повеќе  од истиот квартал минатата година, велат од АСО и додаваат дека од почетокот на корона кризата пред две години ова е најбрзорастечки осигурителен производ. Значаен за истакнување, посочуваат, е растот и на исплатените штети кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурувањето имот. -До крај на март годинава се исплатени речиси 1.800 отштетни побарувања за осигуран имот во вредност од 116 милиони денари (1,9 милиони евра). Тоа се 17 отсто повеќе исплатени средства во однос на истиот период 2021 година, прецизираат од АСО. Нагласуваат дека патничкото осигурување има најголем релативен раст на вредноста на исплатени штети. -Очигледно дека укинувањето на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија охрабри повеќе осигуреници да патуваат надвор од земјава. Во првите три месеци друштвата за осигурување исплатија речиси 2,5 пати повеќе пари за штети покриени со патничко осигурување. Нивната вредност достигна 13,7 милиони денари или 223.000 евра, потенцираат од АСО. вј/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан