Ардерн го повика Маск да се држи до транспарентноста на Твитер
- Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн го повика Илон Маск „цврсто да се држи до принципот на транспарентност“ додека тој го презема Твитер, јави ДПА.
Велингтон, 1 ноември 2022 (МИА) - Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн го повика Илон Маск „цврсто да се држи до принципот на транспарентност“ додека тој го презема Твитер, јави ДПА.
Зборувајќи на националниот самит за спротивставување на тероризмот и насилниот екстремизам, таа денеска изјави дека допрва ќе се сретне со Маск за иницијативата „Christchurch Call“.
Покрената од Ардерн и францускиот претседател Емануел Макрон во 2019 година, иницијативата ги здружи светските лидери со технолошки компании, меѓу нив Фејсбук, Јутјуб и Гугл, за да се справат со терористичка и екстремистичка содржина на интернет.
Иако немала можност да разговара директно со Маск, таа смета дека поентата што би ја истакнала, е, оти социјалните медиуми и платформите како Твитер имаат огромна одговорност.
- Тие можат да бидат сила за демократија, сила за поврзување и за добро. Но, исто така, доколку се злоупотребат, може да направат огромна штета, нагласи премиерката на Нов Зеланд.
„Christchurch Call“ го доби името по градот во Нов Зеланд, каде напаѓач уби 51 лице во напади на две џамии во 2019 година. За време на нападите, тој беше вклучен во живо на Фејсбук 17 минути пред компанијата да го избрише стримот, а клипови од видеото бргу се проширија на интернет. бд/