• понеделник, 23 декември 2024

Апатурај: НАТО ќе продолжи со политичкиот дијалог и практична соработка со земјите од регионот

Апатурај: НАТО ќе продолжи со политичкиот дијалог и практична соработка со земјите од регионот
Скопје, 13 август 2021 (МИА) - Западниот Балкан е регион од стратешка важност за НАТО, кон кој што остануваме посветени да обезбедиме сигурност, безбедност и стабилност. НАТО ќе продолжи со политичкиот дијалог и практична соработка со земјите од регионот за поддршка на напорите за реформи и промоција на регионалниот мир и безбедност, изјави во своето видео обраќање заменикот помошник на генералниот секретар на Алијансата, Џејмс Апатурај, во рамки на конференцијата „По Охрид“ по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор. - Во име на НАТО би сакал искрено да им честитам на луѓето од Северна Македонија на прославата на овој клучен момент во вашата историја. Охридскиот рамковен договор е огромно политичко постигнување. Тоа не само што обезбеди безбедна иднина за македонската демократија, туку исто така, го изгради и патот до потесна регионална соработка и подобри односи во Западен Балкан, изјави Апатурај. Членствово на Северна Македонија во НАТО, посочи Апатурај, е големо постигнување и за земјата и за НАТО. - За НАТО го покажува успехот на нашата полтика на отворени врати, а за Северна Македонија покажува дека посветеноста, на крајот секогаш носи резултати, изјави Апатурај. Поранешниот претставник на НАТО, Питер Фејт, во своето обраќање на конференцијата порача дека Охридскиот рамковен договор е прилично уникатен и дека за неговата одрживост од големо значење била посветеноста на реформите во насока на неговото имплементирање. - Доколку ги погледнеме првите заеднички цели, кои беа да сопре насилството, да се избегне ширење на конфликтот во регионот и да се спречи мизеријата на населението засегнато од насилствата, мислам дека времето на спроведување на акциите и интервенциите беше успешно и би сакал навистина да оддадам лична почит на храброста и лидерството на починатиот претседател Борис Трајковски и неговиот тим, во кој како што знаеме беа вклучени и некои што денеска се токму на највисоката позиција во земјата - Стево Пендаровски, изјави Фејт. Охридскиот рамковен договор, посочи Фејт, сега се споменува во преамбулата на Уставот на Северна Македонија. - Со амандманите на Законот за употребата на јазиците ние сега сме кон заокружувањето на имплементацијата на овој договор. Мислам дека ова е фантастичен резултат и тоа дава содржина на оваа прослава, истакна Фејт. Во однос на помирувањето и одбележувањето 20 години од потпишувањето на договорот, Фејт посочи дека неговото прашање, би било дали било и се уште е остварено помирувањето. - Ова е процес за кој што е потребно долго време. Тука гледам дека постои општа подготвеност во насока на толеранција и напуштање на нетолеранцијата, преодна правда и трпелива работа во насока на подобра иднина на Северна Македонија, изјави Фејт. Во Северна Македонија, нагласи Фејт, можам да констатирам дека навистина постои темел за постигнување на помирување и вртење нова страница. аа/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан