• четврток, 20 февруари 2025

Антонели: Не сум замена за Хамилтон, туку возач на Мерцедес

Антонели: Не сум замена за Хамилтон, туку возач на Мерцедес

Бракли, 18 февруари 2025 (МИА) - Новиот возач на Мерцедес, Андреа Кими Антонели, пред претставувањето на сезоната во Формула 1 во Лондон изјави дека нема големи очекувања за своето деби.

Антонели во германскиот тим го замени Луис Хамилтон, кој во февруари минатата година ги изненади сите објавувајќи го својот трансфер во Ферари.

Британецот тогаш имаше договор со Мерцедес до 2025 година, но кога беше објавено дека си заминува, јасно беше дека е разочаран бидејќи не доби повеќегодишен договор. Причината поради која Хамилтон не доби подолг договор е Антонели - шефот на тимот Тото Волф изјави дека не сака да ја пропушти можноста да го донесе чудото од дете, откако претходно ја пропушти можноста со Макс Верстапен. Сите знаеме какви последици имаше таа одлука за Мерцедес...

-Јас не сум замена за Хамилтон, јас сум возач на Мерцедес. Дефинитивно возењето за Мерцедес е голема одговорност, ова е еден од најголемите тимови во Формула 1, но во исто време тоа е и голема можност за мене. Тоа е голема чест, ќе дадам се од себе да го искористам максимумот, изјави Антонели пред спектаклот во О2 Арената.

Низ историјата, вкупно 96 возачи од Италија се тркале во Формула 1, а последен пред Кими е Антонио Џовинаци. Познато е дека Ферари е многу поважен за Италијанците од италијанските возачи, но Антонели се надева дека и покрај тоа што вози за ривалски тим, ќе добие поддршка.

-Навивачите имаат неверојатна страст за Ферари, но верувам дека се среќни и што имаат италијански возач во шампионатот. Веќе го почувствував тоа, енергијата е неверојатна и навистина се радувам на двете трки на домашен терен, изјави 17-годишниот Антонели, кој исто така се осврна на неговите очекувања: „Немам очекувања, ќе се фокусирам на процесот и ќе уживам во него. Сакам да напредувам и да бидам доследен, но мораме да бидеме реални, нивото во Формула 1 е високо, ќе видиме каде ќе завршиме“.

Спектаклот од Лондон на кој сите екипи ќе ги претстават своите нови болиди почнува од 21 часот.

Новата сезона во Формула 1 започнува со Големата награда на Австралија на 16-ти март. дс

Фото: Архива

Остани поврзан