• понеделник, 23 декември 2024

Анкета: Поделено мислењето на Грците дали следната влада треба да биде еднопартиска или коалициска

Анкета: Поделено мислењето на Грците дали следната влада треба да биде еднопартиска или коалициска
Атина, 27 октомври 2022 (МИА) – Речиси половина од анкетираните, односно 47 отсто сметаат дека по следните избори во Грција подобро е да произлезе еднопартиска влада, наспроти 35 отсто кои одговориле дека подобро е владата да биде коалициска, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија Скај, јави дописничката на МИА од Атина. Владејачката Нова демократија и понатаму е во предност пред опозициската СИРИЗА, со разлика од 7,5 отсто, а во однос на тоа кој е посоодветен за премиер, Кирјакос Мицотакис добива 39 отсто, наспроти Алексис Ципрас со 28 отсто, додека пак исто толку од анкетираните (28 проценти) одговориле „ниту еден од двајцата“. Во делот посветен на инфлацијата во земјата, резултатите покажуваат дека цената на електричната енергија, со 31 отсто, е на првото место од категориите трошоци што создаваат најголема загриженост кај анкетираните, а потоа следат прехранбените продукти, природниот гас и нафтата за греење. Граѓаните кои учествувале во истражувањето на јавното мислење, генерално, негативно ги оценуваат владините мерките за поддршка на општеството во однос на поскапувањата на цените на струјата, природниот гас, бензинот, нафтата за греење и храната. За грчко-турските односи, одговарајќи на прашањето колку ги загрижува позицијата на Турција, половина од анкетираните, односно 51 отсто одговориле многу/доста, а 20 проценти рекле дека се малку или воопшто не се загрижени. Истражувањето било спроведено на 8. и 9 септември, од  23. до 25 октомври 2022 година, со анкетирани 1.207 лица со право на глас. ср/паг/

Остани поврзан