• недела, 22 декември 2024

Андоновски – Kлековски: Забрзана дигитализација за поефективен здравствен систем

Андоновски – Kлековски: Забрзана дигитализација за поефективен здравствен систем

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Како да се забрза процесот на дигитализација на здравствениот систем во државата? Што е потребно, како да се зголемат и подобрат дигиталните услуги и како да се изврши вмрежување на сите податоци на едно место за пациентите. Ова биле дел од темите за кои денеска разговарале Стефан Андоновски, министерот за дигитализација и Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, директори на Фондот за здравствено осигурување.

Потребата од целосна дигитализација во овој сегмент, како што информираат од Фондот за здравство, е неопходна затоа што ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста на здравствените услуги, ќе се намали административната работа на здравствените работници и секое медицинско лице ќе ги има сите потребни податоци за еден пациент.

Според Фондот за здравство, системот може да биде надграден, ќе се нудат повеќе услуги и на тој начин ќе се забрза користењето на здравствените услуги и ќе се намали драстично можноста за корупција.

-Приоритет е дигитализацијата, бидејќи само со дигитализација се зголемува транспарентноста и подобрува контролата во сите подрачја, од рецепти до лекување во странство. Отпорот што се јавувал кон дигитализацијата во сегментот во здравство е поради намалувањето на можноста за злоупотреби. Но сега има политичка волја тоа да се надмини, истакнал на состанокот Клековски.

За министерот Андоновски, овој принцип на работа со внесување на елементи на дигитализацијата е начин да се избегнат натамошни злоупотреби, пациентите да ги добијат посакуваните услуги побрзо и подобро. Министерот Андоновски ја истакнал и важноста за поврзување со Услуги.гов.мк.

Како што потенцираат од Фондот за здравство, веќе се прави анализа на сите потребни надградби на системот и во следниот период ќе се започне со имплементација. сст/са/

Фото: ФЗО

 

Остани поврзан