• петок, 22 ноември 2024

Андоновски на панел дискусија за сајбер-безбедност во Вашингтон, САД

Андоновски на панел дискусија за сајбер-безбедност во Вашингтон, САД

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - На покана на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE), министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, учествуваше на панел-дискусија во Вашингтон, САД. Темата на панелот беше „Напредокот во воспоставувањето на национални сајбер-авторитети и развојот на вештини во земјите од Западен Балкан".

Како што информираат од Министерството, GFCE е водечка платформа за меѓународна соработка во областа на сајбер-капацитетите, со над 200 членки од целиот свет, вклучувајќи влади, меѓународни организации, компании и академски институции. На панелот учествуваа и претставници од останатите земји од Западен Балкан, како и претставници од Стејт департментот на САД.

Во обраќањетоп, министерот Андоновски ги истакнал неодамнешните чекори на земјава во областа на сајбер-безбедноста, при што потенцирал дека неодамнешното основање на Министерството за дигитална трансформација е клучен чекор кон посигурна дигитална иднина за нашата земја кое ќе биде столбот на нашите напори за дигитализација и сајбер-безбедност.

Министерот го нагласил значењето на сеопфатниот пристап во спроведувањето на мерките за сајбер-безбедност во регионот.

-Вклучувањето на сите општествени чинители е клучно во нашите напори за подобрување на сајбер-безбедноста во целиот регион на Западен Балкан, истакнал Андоновски додавајќи дека безбедноста во сајбер-просторот не познава граници и бара заедничко делување.

Министерот за дигитална трансформација ги претставил и плановите за новата Национална стратегија за сајбер-безбедност 2024-2028. Стратегијата ќе се фокусира на усогласување со директивата NIS2 на ЕУ, заштита на критичната инфраструктура и развој на домашни сајбер-вештини.

-Технологијата носи големи можности, но и значителни ризици, рекол тој и додал дека е неопходно да се уреди дигиталниот свет за да се заштитат правата на граѓаните во оваа сфера.

Андоновски зборувал и за предизвиците со кои се соочува земјата, од еволутивната природа на заканите до тешкотиите во задржувањето на стручни кадри. 

-Република Македонија е посветена на градење на цврста и со ЕУ усогласена рамка за сајбер-безбедност. Убедени сме дека со постојана посветеност, меѓународна соработка и современ пристап, можеме да изградиме безбедна дигитална иднина за нашите граѓани и да придонесеме за сајбер-безбедноста на целиот регион на Западен Балкан, истакнал министерот Андоновски.

Учеството на Андоновски на овој значаен настан, организиран од страна на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE), велат од Министерството за дигитална трансформација, ја потврдува заложбата на земјава за унапредување на сајбер-безбедноста и нејзината активна улога во регионалните и меѓународните напори за градење на отпорност во сајбер-просторот. сст/дма/

Фото: Министерство за дигитална трансформација

 

 

Остани поврзан