• среда, 18 декември 2024

Ангелоски за „Политика“: Отворен Балкан ја забрзува интеграцијата на регионот

Ангелоски за „Политика“: Отворен Балкан ја забрзува интеграцијата на регионот
Скопје, 1 септември 2022 (МИА) - Иницијативата „Отворен Балкан“ треба да креира поповолно деловно окружување  во регионот, услови и оперативни мерки кои ќе ја поттикнат и поддржат економската соработка меѓу земјите кои се засега вклучени, со надеж дека ќе се вклучат и другите држави од Западен Балкан, истакнува претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски во интервју за српскиот весник „Политика“, кое е објавено пред почетокот на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан” што во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, од денеска до недела се одржува во Белград. -Носителите на политичките функции испратија јасна порака дека се свесни за потребите на бизнисот и дека се подготвени да направат позитивни промени во таа насока. Ова што е важно е што поскоро да почне имплементацијата на договореното, за да може полесно да се справиме со актуелните предизвици, како што се растот на цените на суровините, на основните прехранбени производи и на енергенсите кои претставуваат сериозна глобална закана, вели Ангелоски во интервјуто. Сојузот на стопански комори, додава, како деловна мрежа е дел од работните групи кои работата на операционализација на мерките укажувајќи што е тоа што најмногу му е потребно за бизнисот. -Побаравме да се овозможи зелен коридор на граничните премини за организираните туристички тури, како би можело туристите да не ги губат часовите за уживање и релаксација чекајќи во автобусите. Бизнисот смета дека е дојдено вистинско време да почнеме да делуваме во правец на интегрирање на инвестициските пазари(берзите) и пазарите на енергетика или на пример се она што е во сферата на услужни дејности  да се врши без посебни ограничувања.  Тука е и можноста преку поврзување на бизнисите да се обезбеди заеднички настап на трети пазари, како и заедничко привлекување на странски инвестиции или со еден збор кажано очекуваме да целиот процес на регионална интеграција многу побргу се одвива и што е можно поскоро да ги почувствуваме позитивните придобивки, потенцира Ангелоски. Претседателот на ССК во интервјуто зборува и за справување со енергетската криза и очекувањето за конкретни мерки за поддршка на стопанството. -Сојузот во континуитет истакнува дека за да се стабилизираат компаниите неопходно е да се субвенционираат сметките за струја, целосно ставање во функција на домашните капацитети за производство на електрична енергија и дел од оваа енергија која е по многу поволна цена во однос на берзанската да се даде на стопанството. Исто така побаравме поддршка за користење на обновливи извори на енергија, преку олеснување на процедурите за добивање на дозвола за поставување на фотоволтаици, вели Ангелоски, акцентирајќи ги и традицоналните добри политички и економски односи меѓу Македонија и Србија и зголемениот обем на трговска размена. Ангелоски заедно со потпретседателите на ССК Горан Ѓорѓиевски, Сашо Дукоски и Аркан Керим се дел од настанот на „Отворен Балкан“, каде активно учество ќе земат на бизнис форумите, традиционалната македонска вечер, а фирми кои се членови на Сојузот ќе ги презентираат туристичките можности на нашата држава како и традиционалната македонска храна и висококвалитетни вина.вј/са/  

Остани поврзан