• понеделник, 23 декември 2024

Ангелоски: Закана од енергетско цунами на македонската економија, државата да помогне

Ангелоски: Закана од енергетско цунами на македонската економија, државата да помогне
Скопје, 26 август 2022 (МИА) – Цената на струјата мора да се ограничи и компаниите да ја плаќаат до одредено ниво, а над одредено кое ќе го дефинира државата и од своите фондови да му излезе во пресрет на стопанството, порача денеска Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК). Тој ги претстави предлозите на ССК за помош на стопанството поради последиците од енергетската криза и предупреди дека поради превисоките цени на струјата се заканува затворање на економијата и банкрот. – Во овој момент на македонската економија и се заканува енергетско цунами од кое постои опасност да ја уништи. Енергетскиот отворен пазар е надвор од контрола, не постои услуга или производ кој може да поднесе цена на енергентите од 600 до 700 евра по мегават час, посочи Ангелоски. ССК смета дека ЕЛЕМ мора да обезбеди дополнителни количини на енергија од домашно производство за слободниот пазар и на овој начин да изврши одреден позитивен притисок за намалување на енормно високите цени. Исто така и, како што рече, да не се дискриминираат компаниите кои се наоѓаат на слободниот пазар во однос на оние на регулираниот. -ЕЛЕМ мора да го зголеми производството, во овој момент не сме убедени дека го има достигнато максимумот и да почне да продава струја на пазарот што позитивно ќе делува за намалување на цената, наведе Ангелоски. Треба, посочи, да се овозможат побрзи процедури за поставување фотоволтаици, односно ЕВН да дава енергетска согаласност во рок од седум до десет дена, а останатата документација да се обезбедува во период од 120 дена. Со сегашната цена на струјата, според ССК, домашната економија е неконкрентна во однос на останатите. -Електрокомпаниите на соседните држави, како на Србија и на БиХ, струјата ја произведуваат и продаваат на нивното стопанство по многу пониска цена. Во моментот српската економија, српските компании мегават час електрична енергија го плаќаат 75 евра, во Босна мегават час електрична енергија од државната компанија која произведува електрична енергија ја продава за 66 евра. Значи, доколку нашето ЕСМ произведува струја треба да ја продава по многу пониска цена на компаниите, на трговците таа електрична енергија и дополнително може да се земе предвид дека на ЕВН – ЕСМ електричната енергија и ја продава за 50-ина евра мегават час. Со толку драстична разлика во цените по мегават час за електрична енергија во однос на околните држави нашата економија е неконкурентна, рече потпретседателот на ССК Орце Симов. ССК предлага и да се укине ДДВ за фотоволтаици и останата опрема за нивна монтажа,  како и за инвертер клими и други уреди за загревање и разладување на просториите со оглед на нивната енергетска ефикасност.  Да им се овозможи на домаќинствата да инсталираат 11 киловати фотоволтаици. Да се воведе дополнителен данок  на енегретски неефикасните греалки, да се овозможи бесплатно приклучување на парно греење во Скопје, со што дел од корисниците би се префрлиле на топловодно греење. - Приватниот сектор со години наназад алармира, укажува, имаме постојани барања за регулативите и поедноставување на документациските процеси, но не доаѓаме до адекватен начин на разбирање од државните институции и во одреден момент почнуваме да веруваме во одредена теорија дека некој смислено заштитува одредени групи на компании и можеби трговци со струја се со цел да не се произвдува доволно домашна енергија, да се ориентира пазарот на поголем увоз, рече Ангелоски. Тој порача дека енергетската кризна состојба што ја прогласи вчера Владата не треба да се однесува само за трансфер на средства од централниот буџет во ЕЛЕМ. Енергетската кризна состојба треба малку пошироко да ги гледа работите и во однос на заштита на македонската економија, потенцираше претседателот на ССК. Презентираше и мерки за зголемување на енергетската  ефикасност,  со кои ССК предлага да се оданочат со повисок данок стариот тип светилки со вжарено влакно и да се реконструираат сите енергетски неефикасни државни објкети со замена на прозорци, фасади. Исто така, со измени на Законот за градење при градба на секој објект да се наметне обврска за енергетска ефикасност и да се монтираат фотоволтаични системи,  новите градби да се класифицираат според енергетската ефикасност или можеби дел од комунилиите да зависат од енергетската ефикансост на објектите што ќе се градат, како и да се размисли за изградба на електрани кои ќе користат отпад. Раководството на ССК оцени дека енергетската криза ќе трае и побара државата да се задолжи за да помогне, а како што потенцираа, бизнисот тоа ќе го врати. Предлозите и препораките за справување со последиците од енергетската криза од ССК ќе ги достават во писмена форма до Владата во наредните денови.лв/аа/  

Остани поврзан