• недела, 05 јануари 2025

Амер Капетановиќ ја презеде функцијата генерален секретар на Советот за регионална соработка

Амер Капетановиќ ја презеде функцијата генерален секретар на Советот за регионална соработка

Скопје, 3 јануари 2025 (МИА) - Амер Капетановиќ денеска ја презеде својата должност како нов генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС), по назначувањето од страна на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на 12 јуни 2024 година во Скопје.

Амер Капетановиќ е истакнат дипломат со повеќе од две децении искуство во меѓународни односи и регионална соработка.

-Чест ми е да ја преземам улогата на генерален секретар на Советот за регионална соработка во наредните три години. Го започнувам овој пат со мотото на архитектите на единствениот пазар на ЕУ и шампионите на регионалната соработка - „Различноста мора да се зачува, за да може да вроди со плод за општото добро“. Со нетрпение очекувам да се надоврзам на извонредната работа што веќе е во тек низ Југоисточна Европа и Западен Балкан, стои во пишаната изјава на Капетановиќ, соопшти Советот за регионална соработка.

Тој се заблагодари на Мајлинда Брегу, Горан Свилановиќ и Хидо Бишчевиќ, за, како што посочи, сета нивна енергија, знаење и искуство вложени во насочувањето на СРС кон успехот.

-Но исто така сум сигурен дека, со поддршката на нашите партиципанти и донатори, можеме во следните три години да бидеме вистинската промена што нашите граѓани низ регионот сакаат да ја видат. Според сите досегашни анкети, нашите граѓани имаат едноставен и остварлив сон – сакаат економски напредок, безбеден и просперитетен живот како што имаат нивните сограѓани во ЕУ. И навистина, тие инсистираат да бидат дел од ЕУ што е можно поскоро, наедува Капетановиќ.

Истакна дека ќе се посвети на засилување на резултатите ориентирани кон луѓето — без разлика дали тоа е преку унапредување на Заедничкиот регионален пазар, надградба на Стратегијата 2030 за Југоисточна Европа (ЈИЕ2030), водење на Зелената и Дигиталната агенда, овозможување на младите да учествуваат во донесувањето одлуки, подобрување на можностите за вработување или зајакнување на безбедносната соработка.

Капетановиќ на оваа функција ја наследи од Мајлинда Брегу, која раководеше со СРС од 2019 до 2024 година. нд/аа/

Фото: СРС

Остани поврзан