• четврток, 10 октомври 2024

Амбасадорот на Германија, Роде: Косово во ЦЕФТА нема веќе да се претставува преку УНМИК

Амбасадорот на Германија, Роде: Косово во ЦЕФТА нема веќе да се претставува преку УНМИК

Приштина, 9 октомври 2024 (МИА) – Германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде објави дека официјално, по укинувањето на забраната за увоз од Србија во Косово преку еден граничен премин, е деблокиран Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на платформата „Х“, Роде информира дека отсега Косово во ЦЕФТА веќе нема да биде претставувано со името на Мисијата на Обединетите нации во Косово, УНМИК, како што тоа беше досега, туку од негови официјални претставници.

„Несомнено добра вест за Косово и за целиот регион: ЦЕФТА е деблокирана и отсега Косово ќе биде претставено од неговите официјални претставници, како што треба, а не со УНМИК. Голем чекор напред за рамноправна застапеност и учество во ова регионално тело“, напиша Роде.

Владата на Косово вчера ја измени безбедносната мерка за производите кои влегуваат од Србија и ја укина забраната за нивен влез преку граничниот премин Мердаре, додека на другите гранични премини увозот ќе се дозволи откако тие ќе се снабдат со скенери за подетална контрола на стоката што се внесува во земјата.

Косово го забрани увозот од Србија по апсењето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили на границата меѓу двете земји, тензиите на северот од земјата населен со српско мнозинство и сомневањата дека минатата година преку стоката нелегално се шверцувало оружје.

Премиерот Албин Курти на прес-конференција денеска рече дека косовските мерки за ограничување на увозот од Србија „никогаш не биле и никогаш не се трговски, туку се безбедносни мерки“.

Вчерашната одлука на владата на Курти ја поздравија Соединетите Американски Држави, Европската унија, Германија, Франција, Велика Британија и други западни земји, како и српскиот премиер Милош Вучевиќ, кој изјави дека со ова „се отстранува една тензија која постоеше подолго време“. иа/

Остани поврзан