• вторник, 23 април 2024

Амбасадата на САД во Приштина најостро го осуди нападот врз косовската полиција

Амбасадата на САД во Приштина најостро го осуди нападот врз косовската полиција

Приштина, 24 септември 2023 (МИА) - Амбасадата на САД во Приштина најостро го осуди нападот врз косовската полиција во северно Косово, наведувајќи дека сторителите мора да одговараат.

Во соопштението на амбасадата се цитираат зборовите на амбасадорот Џеф Ховениер, објавени на платформата Х, дека косовската полиција има целосна одговорност и е легитимна за спроведување на владеењето на правото според Уставот и законите на Косово.

„Ја препознаваме и ја почитуваме неговата улога како прв реагирач во итни и кризни ситуации. Ја цениме постојаната координација меѓу косовската полиција, Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово и силите на НАТО на Косово (КФОР), во зависност од случај“, се вели во соопштението на амбасадата.

Се додава дека ситуацијата внимателно се следи и дека „насилните акти против легитимните власти на Република Косово мора да бидат казнети“.

„Сторителите мора и ќе одговараат и ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Тие мора веднаш да ги прекинат своите напади. Во име на Соединетите држави, изразувам најдлабоко сочувство за смртта на наредникот на косовската полиција, кој беше убиен на должност. На „двајцата повредени полицајци“ им ги пренесувам најдобрите желби за брзо закрепнување“, се наведува во соопштението.

Истовремено, германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде (Роде) оцени дека сторителите на убиството на полицискиот наредник Африм Буњаку во Бањска на северот мора да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Целосно се согласувам со изјавата на мојот американски колега. Извршителите на овој убиствен напад врз косовските службеници за спроведување на законот мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Во Косово мора да се применува владеењето на правото. Моето искрено сочувство до семејството на загинатиот полицаец и повредените полицајци на КП“, напиша Роде на платформата Х.

Косовската полиција рано изутрината беше нападната во селото Бањска кај Северна Митровица, еден полицаец е убиен, друг е ранет, а на терен излегле припадници на американскиот КФОР и ЕУЛЕКС. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан