• недела, 22 декември 2024

„Алпина“ го претстави новиот теренец „Икс-бе-7“

„Алпина“ го претстави новиот теренец „Икс-бе-7“

Минхен, 21 септември 2022 (МИА) - „БМВ“ го претстави обновениот модел „Икс-7“ во април годинава, а неколку часа подоцна и „Алпина“ го покажа својот голем теренец „Икс-бе-7“ - со истите поделени фарови, но сега уште помоќен.

Дизајнот на предната табла е практично ист, што значи дека сѐ уште има поделени фарови со масивна решетка меѓу нив. И двата дела на решетката се осветлени, а достапна е и функцијата „водопад-светлина“ којашто може да се активира во возењето. Уникатниот изглед на долниот дел го прави теренецот многу „агресивен“ по изглед, а одзади има чифт предизајнирани издувни врвови сместени на задниот браник. „Икс-бе-7“ доби стандардни 21-инчни тркала со гуми 285/45-Р-21, но и опција - комплет од 23-инчни тркала со дизајн „Алпина класик“. Зад предните бандажи се кријат сопирачки „Брембо“ со четири клипови. Под хаубата е новиот 4,4-литарски „В-8 твин-турбо“ мотор на „БМВ“ со блага хибридна технологија. Тој сега испорачува 630 коњски сили и 800 њутн-метри во вртежи. Моќта се пренесува на сите четири тркала преку осумстепен автоматски менувач. Теренецот забрзува до 100 км/ч за четири секунди и достигнува максимални 290 км/ч. Возилото е оценето како стабилно во свиоците, има интелигентен „Екс-драјв“ погон на сите тркала и електронски променлив диференцијал со ограничено лизгање. Степенот на блокирање постојано се прилагодува во зависност од брзината на тркалото, коефициентот на зафат и аголот на управување. Внатре, она што најмногу привлекува внимание е најновата генерација на инфозабавниот систем којшто доаѓа со подобрена функционалност за гласовна контрола и поголем степен на достапна персонализација. На безбедносен план, има нов систем што користи ГПС-податоци, подробности за траекторијата снимени од претходното возење и складирање до 10 различни маневри за паркирање. „Алпина“ веќе прима нарачки, а првите испораки се очекуваат на почетокот на следната 2023 година.  си/

Остани поврзан