Алонсо: Сакаме да покажеме добро ниво против Баерн и да настапиме со многу енергија
- Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо беше изненаден од веста дека ѕвездата на Баерн Минхен, Џамал Мусиала го обновил договорот до 2030 година, еден ден пред големиот натпревар на двата тима во Бундеслигата во сабота.

Минхен, 14 февруари 2025 (МИА) - Тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо беше изненаден од веста дека ѕвездата на Баерн Минхен, Џамал Мусиала го обновил договорот до 2030 година, еден ден пред големиот натпревар на двата тима во Бундеслигата во сабота.
-Навистина? Не го знаев тоа, рече Алонсо на прашањето на прес-конференцијата пред натпреварот.
Мусиала е најголемиот талент во Германија заедно со Флоријан Вирц од Леверкузен. Двајцата фудбалери сочинуваат одлично дуо во германската репрезентација и нивниот утрешен дуел беше дел од рекламата за утрешниот натпревар.
-Флоријан Вирц и Џамал Мусиала се меѓу најдобрите играчи во светот, рече Алонсо, а потоа се фокусираше на неговиот играч: „Фло е фактор кој ја прави разлика во нашата игра. Кога е на терен, неговото присуство се чувствува како да е многу голем. Има големо влијание на нашата игра и на одлучувачките моменти во натпреварите. За него во моментов нема граници“.
Откако ја презеде тренерската функција во Леверкузен во есента 2022 година, Алонсо нема пораз во ниту еден од неговите пет натпревари против Баерн Минхен, забележувајќи три победи и две нерешени. А баварскиот гигант е посебно место за Алонсо, бидејќи таму ја заврши фудбалската кариера во 2017 година. Но, ситуацијата сега е поинаква од претходните две години, бидејќи шампионите од Леверкузен мора да победат по секоја цена доколку сакаат да ја намалат разликата од осум поени.
-Тоа е голем натпревар. Врвен натпревар. Сакаме да покажеме добро ниво и да настапиме со многу енергија. Против Баерн треба да бидете подготвени на се. Мораме да ги препознаеме различните фази од нивната игра што може да ни отежнат и да реагираме на нив. Тие се најдобриот противник во Бундеслигата и имаат многу добра стартна позиција, додаде Алонсо. дс
Фото: Архива