• недела, 22 декември 2024

Ако имаат докази, нека ги приложат, вели Мицкоски по обвинувањата од СДСМ за бегството на Блерим Рамадани 

Ако имаат докази, нека ги приложат, вели Мицкоски по обвинувањата од СДСМ за бегството на Блерим Рамадани 

Скопје, 22 август 2024 (МИА) – Ако имаат докази, нека излезат и да видиме како тоа ќе заврши, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, по  обвинувањата од СДСМ дека бегството на Блерим Рамадани е организирано од структури на МВР.

Според Мицкоски, за анализирање е загриженоста кај СДСМ и ДУИ, со оглед дека ова не е прв ваков случај и веќе има одлука од Врховниот суд. 

-Ова не е прв случај, има сличен во 2016, во 2019 и има одлука од Врховен суд кога практично тие лица кои на идентитен начин биле во екстрадициски притвор врз основа на потерница што ја испраќа Србија, биле ослободени на слобода. Тоа што имаме загриженост кај СДСМ и ДУИ зошто партискиот судија Пајазити е вклучен во овој случај, па се обидуваат сега интриги или некакви би рекол чудни споредби да прават и информации во прашална форма, навистина е за анализирање. Ако имаат докази, ако знаат дека е тоа така, зошто во прашална форма, нека излезат со тврдење па да видиме како тоа ќе заврши, изјави Мицкоски по посетата на општина Петровец, каде присуствуваше на поставување на камен темелник за изградба на спортска сала. 

За тоа дали во меѓувреме имале некаква комуникација со српските власти, Мицкоски, рече дека немале. 

Во однос на обвинувањата од опозицијата за убиството пред Мавровка дека институциите не ги презеле сите мерки навреме, Мицкоски рече дека она што е важно е што „веќе серија криминалци и корумпирани судии и обвинители се одговорни пред законите и институциите“. 

- Институциите брзо, молскавично ги приведоа сторителите на овој грозоморен чин и ги извадија пред органите на правдата. Буквално сите учесници се приведени, нешто што во минатото не беше случај и затоа довербата во правната држава беше еднаква на нула, изјави Мицкоски. 

Рече дека е добро што според последните мерења во август што ги прават како партија, расте довербата на граѓаните во институциите.

- За првпат имаме повеќе наши сограѓани кои веруваат во борбата против криминалот и корупцијата на оваа Влада, отколку што не веруваат. И тоа е само уште една причина повеќе да продолжиме да се бориме со овие криминални битанги без разлика дали се вакви безочни криминалци или криминалци во политиката. И набргу од денеска сите кои се огрешиле пред законот ќе бидат изведени пред лицето на правдата, вклучително и оние групи коишто во последно време се обидуваат да бидат активни во скопското подземје, ги следиме и нив, изјави Мицкоски.

СДСМ денеска на прес-кнференција обвини дека бегството на Рамадани е организирано од структури на МВР и вработени во институциите и ги повика Владата и МВР да објават кој го организирал и овозможил бегството. Пратеникот Митко Трајчулески рече дека доколку Владата и МВР во следните 24 часа не се одважат јавно да ја соопштат вистината за целата организација на бегството на Рамадани дека СДСМ ќе ги објави сите информации од свиркачите што ги добиле. Бара властите да одговорат дали е точно дека Рамадани на 10 и 14 август слободно ја минал границата со Косово. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан