• понеделник, 09 март 2026

ВИ платформа што го освојува светот: ЧетГПТ достигна 900 милиони неделни корисници

ВИ платформа што го освојува светот: ЧетГПТ достигна 900 милиони неделни корисници

Вашингтон, 9 март 2026 (МИА) - Компанијата ОпенАИ објави дека нејзиниот најпознат производ ЧетГПТ достигнал нова голема пресвртница - платформата сега ја користат околу 900 милиони активни корисници неделно.

Овој податок покажува колку брзо расте популарноста на вештачката интелигенција. Од компанијата потврдуваат дека ЧетГПТ продолжува да урива рекорди, а бројот на корисници кои секојдневно ја користат оваа алатка базирана на вештачка интелигенција сега е на ниво за кое многу технолошки компании до неодамна можеа само да сонуваат.

Во октомври минатата година, оваа алатка имала околу 800 милиони неделни корисници. Од тогаш на платформата ѝ се приклучиле уште 100 милиони нови корисници. Со тоа овој ВИ асистент сè повеќе се приближува до симболичната граница од една милијарда активни корисници неделно. Освен во САД, продажбата на оваа алатка секојдневно расте и во други земји. Индија се издвојува како една од најбрзорастечките, со повеќе од 100 милиони луѓе кои неделно го користат ЧетГПТ

Популарноста на платформата ја следи и силен инвестициски замав. Компанијата неодамна обезбеди инвестиции во вредност од 110 милијарди долари, а меѓу инвеститорите се наоѓаат големи технолошки компании како Амазон, Енвидија и Софт банка. По оваа инвестиција, проценетата вредност на компанијата порасна на околу 840 милијарди долари. Сепак, развојот и одржувањето на ваков систем е исклучително скап. Процените покажуваат дека трошоците за серверска инфраструктура и развој на нови модели на вештачката интелигенција до 2030 година би можеле да достигнат дури 665 милијарди долари.

Во меѓувреме, Гугл со својот модел Џемини се обидува да освои поголем дел од пазарот, но „ОпенАИ“ засега ја задржува водечката позицијa Иако некои сметаа дека почетниот ентузијазам за вештачката интелигенција со текот на времето ќе ослабне, статистиките го покажуваат спротивното. мв/ссм/

Фото: Википедија

 

Остани поврзан