• петок, 15 ноември 2024

Азески панелист на 28. Копаоник бизнис форум

Азески панелист на 28. Копаоник бизнис форум
Скопје, 24 мај 2021 (МИА) - Под мотото„Светот по Ковид-19: Нови извори на раст во промената на деловните услови“ се одржува 28. Копаоник бизнис форумот од денеска до 27 мај. На 28. Копаоник бизнис форум, во четири последователни дена ќе се реализираат дваесет и еден панел на кој ќе се дебатира за релевантни тековни теми. Во пресрет на дебатата што се очекува на Копаоник бизнис форумот (Балканскиот Давос), глобалните проекции укажуваат дека светската економија има очајна потреба од структурен ремонт., се наведува во соопштението на Стопанска комора. Потребно е големо ресетирање на доминантниот начин на производство и трговија за да се оформи глобалното економско закрепнување и да се искористи четвртата индустриска револуција усогласена со одржливата околина, јавното здравство и системите за образование, значително поголемо ниво на меѓународна соработка и посветеност на еколошките договори, се додава во соопштението. На 28. Копаоник бизнис форум ќе учествува и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и ко-претседател на Коморскиот инвестициски форум, како учесник во третиот панел денеска, насловен „Мини шенген зоната – ќе ја забрза ли Ковид кризата регионалната соработка“. На регионално ниво, за надминување на предизвиците што ги наметна пандемијата најважни се две работи имунизацијата на населението и регионалното поврзување и соработка и воспоставувањето на заeдничкиот регионален пазар кои во наредниот период ќе бидат двигатели на економскиот развој и поттикнувач на економските активности, се вели во соопштението. Се додава дека Коморскиот инвестициски форум ќе ја има клучна улога во овој процес, а своите активности КИФ ги има насочено кон унапредување на конкурентноста на економиите од регионот, поврзување на бизнис заедниците од шестте земји, подобрување на бизнис климата во регионот и зголемување на стоковната размена со земјите од Западен Балкан. Воспоставувањето на заеднички регионален пазар треба да резултира со конкретни подобрувања во работењето на компаниите, што ќе значи намалување на трошоците, поедноставување на преку-граничниот бизнис во сите аспекти, но и заедничко освојување на пазарот во трети земји, додава Стопанска комора. Копаоник бизнис форумот е организиран од Алијансата на економисти на Србија под директно водство на претседателот на српското здружение на економисти Александар Влаховиќ, во партнерство со Мастеркард. Претставува интерактивна платформа за размена на мислења и искуства, како и место за средби и деловно вмрежување на компании од регионот на Западен Балкан, реномирани експерти и еминентни имиња на домашната и регионалната економска и политичка сцена. Организацијата, големината и обемот на овогодинешниот настан, распоредот и структурата на панелите се прилагодени на преовладувачката епидемиолошка состојба со целосно почитување на најстрогите мерки на здравје и безбедност, за да се обезбеди максимална безбедност на гостите, учесниците и организаторите. Наместо традиционално, во март, форумот се одржува во мај годинава поради актуелната здравствено економска светска криза. ац/

Остани поврзан