• понеделник, 23 декември 2024

АД ЕСМ: Термоелектраните во Битола и Осломеј со 40 проценти зголемено производство

АД ЕСМ: Термоелектраните во Битола и Осломеј со 40 проценти зголемено производство
Скопје, 17 август 2022 (МИА) - РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ произведоа за приближно 40 проценти повеќе електрична енергија во првите седум месеци од годинава во споредба со истиот период лани. Од јануари до јули годинава термоелектраните произведоа 1559 гигават часови електрична енергија, а во истиот период лани 1126, информираа денеска од АД „Електрани на Северна Македонија“. Според нив, зголеменото производство се должи на зголемениот ископ на јаглен во сопствените рудници, набавката на јаглен за дополнително производство и подготвеноста и техничкото одржување на блоковите. Во истиот период, наведуваат од ЕСМ, постигнато е да се намали потрошувачката на вода, односно производството на електрична енергија од хидроелектраните е намалено за 25 проценти и нивото на акумулациите се држи на оптимална кота, со цел заштеда на хидропотенцијалот за следниот период, кога во текот на грејната сезона се очекува пораст на побарувачката и на потрошувачката на електрична енергија. АД ЕСМ во сопштението ги поздравува владините мерки и препораки за штедење на електрична енергија, и смета дека тие ќе придонесат да се намали притисокот врз производните капацитети и да се растовари електро-енергетскиот систем во услови на високи цени на енергенсите и отежнато снабдување на пазарот со енергенси. Владата вчера донесе мерките што треба да овозможат заштеда на струја до 15 отсто, а ќе стапат во сила од 1. следниот месец. За домаќинствата и компаниите се предвидени препораки, а за државните институции конкретни задолженија. лв/сп/

Остани поврзан