• понеделник, 23 декември 2024

Агелер: На надлежните тука останува што ќе преземат понатаму во врска со Камчев, корупцијата има последици

Агелер: На надлежните тука останува што ќе преземат понатаму во врска со Камчев, корупцијата има последици

Скопје, 20 јули 2023 (МИА) - Американското Министерство за финансии го означи Јордан „Орце“ Камчев на црната листа на САД поради коруптивни и криминални дела, а сега останува на надлежните органи и институции во земјата што ќе преземат понатаму согласно законите кои владеат тука, порача денеска американската амбасадорка, Анџела Агелер на прес-конференцијата во Амбасадата во Скопје, нагласувајќи дека сите треба да сфатат дека корупцијата има последици.

-На надлежните за спроведување на законите, на правосудството, на останатите владини претставници е да преземат натамошни активности и тоа е до нив и нивните одлуки треба да се базираат на законите во Северна Македонија, рече Агелер.

Таа потсети дека американското Министерство за финансии вчера го помести Камчев на листата согласно Извршната наредба (E.O.) 14033.

-Се надевам дека неодамнешните активности на Вашингтон јасно ставија до знаење дека САД можат и ќе продолжат да ги користат сите алатки што им се на располагање за да ги повикаат на одговорност оние поединци и организации чии криминални активности ги поткопуваат безбедноста стабилноста и вредностите на доброто владеење на Северна Македонија, без оглед на позицијата, политичката припадност или времето на злоупотребите. САД, согласно законите, целосно се заложуваат за одговорност, без разлика дали овие поместувања доаѓаат од Стејт департментот, Министерството за финансии, трговијата или други институции на нашата влада, рече Агелер.

Таа порача дека со злоупотребата на службената положба, перење пари, поткуп и други прекршоци, Камчев не само што учествувал во нарушување на довербата на јавноста во правосудниот систем на Северна Македонија, туку извршил и значително предавство на народот на оваа земја.

-Јавноста заслужува институциите на кои може да им се верува дека работат според демократските принципи, транспарентно и без компромиси. За Северна Македонија да ги надмине предизвиците што и претстојат и да ја постигне својата цел за просперитетна, продуктивна и ценета членка на европската заедница, корупцијата не може да остане неконтролирана. Корумпираните актери мора и ќе бидат повикани на одговорност, како што покажува ова означување, рече Агелер.

Таа додаде дека согласно американските закони, Министерството за финансии мора да го означи поединецот, кога ќе располага со цврсти докази за коруптивни и кривични дела и додаде дека истото важи и за Стејт департментот и за Министерството за трговија.

-Корупцијата, во каква и да е форма не треба да се толерира во оваа земја. Оние кои го поткопаа владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот на Северна Македонија треба да сфатат дека корупцијата има последици. И се надевам дека граѓаните на оваа прекрасна земја ќе бараат интегритет од оние кои имаат влијание, рече таа. 

На прашање дали листата ќе се проширува со евентуално нови имиња, Агелер рече дека во моментов нема информации што ќе се случува понатаму. 

За тоа што значат поместувањето на црната листа на Камчев за него и за сите оние кои соработуваат со него, рече дека тоа е техничко прашање, кое детално би можел да го одговори некој од Министерството за финансии, но додаде дека треба да се има предвид дека станува збор за замрзнување сметки, а како што кажа, голем дел од меѓународното банкарство се води преку САД.

-Последиците се многу големи, но не можам точно да кажам каков импакт ќе имаат тука, додаде Агелер.

Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) го означи вчера Камчев, согласност Извршната наредба (E.O.) 14033 на листата поединци или субјекти, кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување. Според нив, Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија.

Во нивното соопштение се споменува и случајот „Плацови на Водно“ во кој Камчев е обвинет за перење на пари, а се наведува и признанието на вина на Камчев во случајот „Империја“ во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.

Дополнително, Камчев го искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист. Во 2020 година, главната обвинителка на Специјалното обвинителство (СЈО) беше обвинета за примање поткуп од Камчев и сведочеше дека Камчев платил пари во замена за поволни услови за апсење и исход на случајот. Камчев подоцна покрена граѓанска постапка против главната обвинителка и други лица, тврдејќи дека тие го изнудувале. Основниот граѓански суд Скопје пресуди дека Камчев не е жртва и нема право на надомест на штета, се дополнува во соопштението. ац/дма/

Фото: Амбасада на САД

Остани поврзан