• недела, 22 декември 2024

Австриски пратеници се сретнаа со Клубот на пратенички во Собранието 

Австриски пратеници се сретнаа со Клубот на пратенички во Собранието 

Скопје, 11 мај 2023 (МИА) - Делегација на Пратеничката група на Парламентот на Република Австрија за соработка со Собранието на Република Северна Македонија, која престојува во дводневна посета на Скопје, денеска оствари средба и со Клубот на пратенички.

-Од она што го слушнав и видов, можам да заклучам дека ние можеме да учиме од вас во поглед на застапеноста на жените во политиката и битката за родова еднаквост, им порача австриската пратеничка Штефани Криспер, шефица на Делегацијата, на пратеничките од земјава, кои посочија на повеќе проекти иницирани од Клубот на пратенички кои беа донесени со консензус во законодавниот дом.

Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова, истакна дека Клубот годинава одбележа 20 години од формирањето, што беше повод за одржување на првата пленарна седница во Собранието посветена на родовата еднаквост на 8 Март годинава. Таа рече дека намерата е ова да стане традиција во наредните години.

Ристова нагласи дека во изминатите години се направени големи чекори во унапредувањето на женските права и родовата еднаквост и дека во таа насока во Собранието, со консензус, се донесени повеќе битни закони, иницирани од Клубот на пратенички. Посочи и дека се планира одржување регионална конференција посветена на овие теми меѓу пратенички од земјите на Југоисточна Европа.

Ристова укажа и на предизвиците со кои се соочува Клубот на пратенички, како што е донесувањето на закон за родова еднаквост, зголемување на бројот на жени во локалната власт, говорот на омраза,... Таа изрази надеж дека и овие предизвици ќе бидат успешно совладани како резултат на соработката што и досега ја имаа пратеничките од сите групи во Собранието.

Пратеничката Жаклина Пешевска истакна дека Клубот на пратенички, како неформално тело, како и Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените, се исклучително важни форуми во Собранието, кои во изминатите години успеале да се издигнат над политичката поларизација.

Како што нагласи Пешевска сега над 40 отсто од членовите на Парламентот во земјава се жени, што е голем напредок, иако, како што рече, родовата еднаквост треба да биде нешто природно, така што ќе се надмине потребата од квоти.

Пратеничката Маја Морачанин истакна дека треба да се стимулираат механизми за поддршка и јакнење на форумите или клубовите на жени во партиите, од каде што произлегуваат и кадри за највисоките државни функции. вј/нд/

Фото: Собрание

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан